Трамп со остра критика кон Бајден за енергетската криза

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп смета дека САД се принудени да преговараат за испорака на нафта со ОПЕК и Русија поради губење на енергетската независност.

– За првпат обезбедивме енергетска независност. Сега тие се вртат кон ОПЕК, Русија и другите земји да ни испратат малку нафта. Во времето кога ја напуштив функцијата, имавме повеќе енергија, повеќе нафта и гас отколку Саудиска Арабија или Русија. И сега бараме помош од нив – рече Трамп на собирот на неговите поддржувачи во Ајова, критикувајќи ја актуелната администрација на демократот Џозеф Бајден и како пример ги наведе резултатите од неговиот мандат.

Во средата, портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, не ја коментираше можноста за воведување забрана за извоз на сурова нафта со цел да се намалат цените на енергијата во САД. Таа потсети дека САД продолжуваат да преговараат со претставниците на земјите од ОПЕК и го следат нејзиниот домашен пазар со цел да се спротивстават на сите незаконски дејствија. Псаки, исто така, не одговори на прашањето дали американската администрација ја разгледува можноста за ограничување на извозот на природен течен гас со цел да се спречи недостаток и скокови на цените што се забележани во некои региони на Европа.

Трамп во неколку наврати изјави дека постапките на администрацијата на Бајден наскоро ќе доведат до тоа САД да станат зависни од снабдувањето со енергија од други земји.