Иранските власти го обвинија Израел за инцидент во подземната нуклеарна централа „Натанц“ и најавуваат одмазда, објави денеска иранската државна телевизија изјава на министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Зариф.

Вчерашниот инцидент во нуклеарната централа „Натанц“ која се соочи со прекин во снабдувањето со електрична енергија, официјален Техеран го опиша како акт на „нуклеарен тероризам“ и објави дека го задржува правото да преземе соодветни мерки против насилниците.

– Ционистите сакаат да ни се одмаздат за напредокот што го правиме во укинувањето на санкциите. Тие јавно изјавија дека нема да ни го дозволат тоа. Но, ќе им се одмаздиме на ционистите – најави Зариф.

Овој пат, израелските власти не го забранија медиумското известување за овој случај, како што беше пракса во претходните, слични ситуации.

Напротив, израелските медиуми во голем број известуваа за инцидентот во „Натанц“, а израелскиот јавен радио сервис направи невообичаен чекор понатаму и објави дека израелскиот Мосад „игра централна улога“, објави претходно лондонски „Гардијан“.