Обвинителите побараа затворска казна од 30 години за поранешниот американски полицаец Дерек Шовен, прогласен за виновен за убиството на Џорџ Флојд, пренесува „Би-би-си“.

Убиството на Флојд ја шокираше нацијата, предизвика демонстрации против расизмот и употребата на насилство од страна на полицијата. Поради тоа, обвинителството побара построга казна за Шовен.

– Казната мора да покаже дека никој не е над законот, и никој не е под него – рече обвинителството.

Но, неговата одбрана го опиша убиството како грешка направена во добра намера, која била заснована врз полициската обука, барајќи условна казна.

– Шовен бара од судот да погледне подалеку од неговите наоди, да погледне во неговото потекло, недостатокот на кривични дела, неговата можност за условна казна, за необичните факти за случајот и за тоа дека тој е производ на „расипан систем“ – изјави Ерик Нелсон, адвокатот на Шовен.

Џорџ Флојд (46) почина откако Шовен го стисна за вратот и клечеше врз него повеќе од осум минути за време на апсењето на 25 мај минатата година, што доведе до големи протести не само во САД, каде што се случи инцидентот, туку и во целиот свет. Флојд беше уапсен бидејќи наводно се обидел да плати продукти со фалсификувани пари.