Мајк Тејлор снимен за време на пасошката контрола на аеродромот во Истанбул

Таткото и синот обвинети за помагање на бегството на поранешниот претседател на „Нисан“ Карлос Гон од Јапонија, каде што го очекуваше судење, се изјаснија за виновни пред судот во Токио, пренесува „Блумберг“.

Американците Мајкл Тејлор (60) и Питер Тејлор (28) првпат се појавија пред судот откако беа притворени годинава. Поранешниот припадник на американската специјална единица „зелени беретки“ и неговиот син Питер се бореа против екстрадицијата во Јапонија по нивното апсење во близина на Бостон, во мај минатата година. Тејлор во интервју за „Асошиејтед прес“ предупреди дека стравува оти тој и неговиот син нема да добијат фер третман од страна на јапонските власти, но тие не се противеа на обвиненијата изнесени на судењето. Американскиот врховен суд во февруари ја одби итната петиција поднесена од нивните адвокати, по што обвинетите беа испорачани на јапонските власти.

Јапонските власти ги обвинуваат Тејлорови за предводење на акцијата за криумчарење на Гон надвор од државата во декември 2019 година, во сандак за музичка опрема кој имал специјални отвори за воздух. Во тоа време шефот на „Нисан“ беше во куќен притвор во Јапонија, во пресрет на судењето за обвиненијата за финансиски малверзации.

Според планот за бегство, Гон бил пренесен со воз на аеродром со полесно обезбедување во Осака, откаде што бил сместен во приватен авион на лет до Турција, а потоа и до Либан, држава која нема договор за екстрадиција со Јапонија. Гон кој моментно е во Бејрут, ги негира финансиските обвиненија, тврдејќи дека избегал бидејќи не би добил фер судење во Јапонија.

Тејлорови би можеле да добијат затворски казни до три години доколку бидат осудени за помагање на бегството на Гон.

Мајкл Тејлор е специјализиран за спасување на заложници и киднапирани деца кои биле држени на Средниот Исток, каде што работел тајно за американската Управа за борба против наркотици (ДЕА). Тој поминал и 14 месеци во затвор во американската сојузна држава Јута поради мито и корупција поврзани со американски безбедносни договори во Авганистан, во вредност од 54 милиони долари. Тејлор тврдеше дека му помогнал на Гон поради своите принципи, а не заради заработка, како и оти неговиот син не учествувал во бегството.

Цената на бегството на Карлос Гон, вклучувала 14 милиони долари во фалсификувани пари за кауција, додека трошоците за целиот потфат при кој некогашниот директор на „Нисан“ избега од Јапонија во Либан изнесувале најмалку 15 милиони долари, тврди „Блумберг“. Трошоците вклучуваат 350 илјади за приватен авион кој го пренел Гон од Осака до Истанбул и повеќе милиони долари за извлекувањето низ неколку држави, за чие спроведување бил потребен тим од најмалку 25 луѓе и барем шестмесечно планирање, според приватен безбедносен експерт кој сака да остане анонимен.

Карлос Гон