Поранешниот американски претседател Барак Обама се ангажираше во кампањата во пресрет на изборите за Конгресот на САД во ноември, со обраќање во кое жестоко ги критикуваше владејачката Републиакнска партија и претседателот Доналд Трамп.

– Моќните и привилегираните сакаат ние да бидеме постојано гневни бидејќи на тој начин полесно ја задржуваат својата моќ и привилегии. Ова не почна со Доналд Трамп. Тој е симптом, не извор. Тој само го искористува насобраниот гнев што политичарите го потпалуваа низ годините. Апелира на племенските инстинкти, на стравот, сака да спротистави една група против друга, изјави Обама во обраќање во Илиноис, каде е неговата политичка база.

Внимание кај републиканците предизвика изјавата на Обама дека Републиканската партија и Трамп се исклучително попустливи кон Русија. Републиканската партија настапуваше на платформа дека САД мора да бидат претпазливи и остри кон Русија на изборите во 2008 и 2012 година, но Обама на тие избори ги исмеваше нивните предупредувања.

– Што им стана на републиканците? Нивната централна платформа во надворешната политика беше борбата против комунизмот, а сега се умилкуваат на поранешниот шеф на КГБ, изјави Обама.

Пракса во САД е поранешните претседатели да не бидат политички активни по повлекувањето од функцијата. Претстојните избори во ноември ќе одлучат дали републиканците ќе задржат контрола врз Претставничкиот дом на Конгресот на САД, или пак демократите ќе освојат една од гранките на власта.