Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун кажа дека верува оти неговата држава веќе нема да треба да води војни бидејќи нејзиниот нуклеарен арсенал ја гарантира безбедноста, според државните медиуми на Северна Кореја.

– Со нашиот ефективен самоодбранбен нуклеарен арсенал, нема веќе да има војни на Земјата, а иднината и безбедноста на нашата држава ќе бидат осигурени засекогаш – кажа Ким Јонг-ун во говорот по повод 67-годишнината од примирјето кое стави крај на корејската војна, кое стапи во сила на 27 јули.

Северна Кореја со години тврди дека нејзиното нуклеарно оружје е одбранбено, со цел да ги одврати обидите за инвазија и за промена на режимот. Говорот на Ким, сепак, претставува потсетување за светот дека ќе биде тешко да се постигне договор за откажување на Пјонгјанг од нуклеарната програма.