Нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан би можела да убие до 125 милиони луѓе за само неколку дена, надминувајќи го бројот на загинати во Втората светска војна и да започне светско уништување на животната средина, покажува новата студија цитирана од РТ.

Објавена во „Сајанс адвенсес“, студијата предвидува огромен број загинати во случај на таков конфликт, за кој се вели дека може да ги намали глобалните температури до ниво споредливо со последното ледено доба.

– Таква војна ќе ги загрози не само местата каде би можеле да бидат насочени бомбите, туку целиот свет – вели коавторот на студијата и професор по еколошки науки на универзитетот „Ратгерс“, Алан Робок.

Секое детонирано нуклеарно оружје може да збрише дури 700.000 луѓе, покажуваат компјутерските симулации на студијата, додека експлозиите може да испратат толку многу саѓи и остатоци во атмосферата што ќе предизвикаат „нуклеарна зима“, која ќе доведе до брз пад на температурите, расипувања на земјоделските култури и масовно гладување.

Иако Индија и Пакистан поседуваат околу 300 нуклеарни оружја, студијата сугерира дека бројот би можел да достигне до 500 до 2025 година, за кога истражувачите во нивните компјутерски симулации пресметале дека би можела да избие хипотетичката војна.