Европа ќе ја зафати студен бран, а прва на удар е Велика Британија, каде арктички ветер ќе донесе околу 10 сантиметри нов снег и температури околу минус 10 степени.

Поголемо заладување се очекува в недела, кое прво ќе ја зафати Шкотска, а потоа ќе продолжи кон југ, донесувајќи до следната среда нови снежни врнежи во делови на Англија и Велс.

Овие прогнози можат да доведат до поголеми проблеми на патиштата, железниците и на аеродромите ширум земјата.

Портпаролот на метеоролошката служба „Метео груп“ изјави денеска дека се очекува студениот бран да предизвика в недела во Шкотска преминување од дожд во снег и дека ќе се шири кон југ до понеделник утрото, кога ниските температури ќе го погодат северниот дел на Англија.

До вторник, постои ризик од силни снежни врнежи речиси насекаде низ Британија, изјави портпарол на метео-службата.

Силни снежни врнежи се очекуваат в среда најмногу во Шкотска и во североисточна Англија, а во текот на ноќта во цела Велика Британија се очекува силен мраз.

Службата ги предупредува возачите дека поради екстремно ниските температури во утринските часови да бидат дополнително внимателни на патиштата.