Големото нарушување и неправдата што ги предизвика терористичката група остануваат очигледни и нерешени. Слабото политичко владеење нуди малку гаранции за правда или помирување. Наместо тоа, се обликува нов регионален поредок, втемелен во хаосот што го предизвика ИД. Се исцртуваат нови области на влијание и сега постои реална шанса некои од границите на регионот, втемелени по Втората светска војна, да се коригираат по должината на етничките и религиските линии, оценува „Гардијан“

Ликвидацијата на лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади, кој беше убиен во операција на американските специјалци, на прв поглед можеби означува крај на една ера на хаос и терор на Блискиот Исток. Но големото нарушување и неправдата што ги предизвика терористичката група остануваат очигледни и нерешени. Слабото политичко владеење нуди малку гаранции за правда или помирување. Наместо тоа, се обликува нов регионален поредок, втемелен во хаосот што го предизвика ИД. Се исцртуваат нови области на влијание и сега постои реална шанса некои од границите на регионот, втемелени по Втората светска војна, да се коригираат по должината на етничките и религиските линии, оценува „Гардијан“.

Повеќе од пет години Багдади беше најбараниот човек на планетата. Станува збор за човекот што успеа да го предводи бунтовништвото во Ирак по инвазијата во опасна терористичка група, која го смени курсот на историјата. Во периодот додека беше на чело на ИД, Багдади успеа буквално да го растури авторитетот на Ирак и на Сирија, тестирајќи ги границите на целиот Блиски Исток. Врз регионот набргу надвладеа „темнината“, симболизирана од истакнатите црни знамиња на ИД. Истовремено, се покажа дека безбедносните држави се многу фрагилни, неспособни да ги издржат застрашувачките насилници на Багдади, додека тие освојуваа еден по друг град, наметнувајќи им на локалните жители незамислив поглед на светот од седмиот век.
Пред налетот на џихадистите, прв падна градот Мосул, а неговото освојување го искористи Багдади, да го прогласи формирањето на новиот калифат во делови од северен Ирак. Потоа, калифатот се прошири на Рака и на областите источно од Алепо. Потоа, џихадистите од ИД својот апетит го насочија кон престолнината на ирачките Курди, Ибрил, како и кон градот богат со нафта Киркук и кон самиот Багдад. Како што ИД сѐ повеќе земаше замав, така терористичката група ја сееше својата нетолерантност во некои области, додека во други области го принуди во бегство локалното население. Во северните делови на Ирак и Сирија и натаму има стотици „градови“ од шатори со бегалци, што служат како сведоштво за теророт на џихадистите.

Но до средината на минатата година, подемот на ИД беше запрен. Во Ирак, милициите што се бореа заедно со ирачката армија ја презедоа контролата врз сите поголеми градови. Во Сирија, курдските групи, поддржани од САД, ја освоија Рака и речиси целата територија што беше под контрола на терористичката група. Преостанатите делови од џихадистичката територија беа освоени во првите месеци од годинава, во мачната офанзива по должината на течението на реката Еуфрат.

И додека американскиот претседател Доналд Трамп со право може да тврди дека ИД повеќе не контролира големи територии, изминатите месеци се појавија јасни сигнали дека терористички ќелии повторно се составуваат од двете страни на Еуфрат. Истовремено, одлуката на САД да ги напуштат Курдите, кои се бореа во нивно име, нема да придонесе за стабилноста на нестабилната област, каде што и понатаму се очигледни страшните последици од хаосот и колежот што го направи ИД. Не треба да се заборави дека копнената војна беше добиена од недржавни актери што се бореа во име на Ирак и Сирија. Националните армии на двете земји, кои се разбегаа пред налетот на џихадистите од ИД, допрва треба целосно да се регрупираат.

Тука исто така треба да се истакне дека ИД го искористи вакуумот настанат по американската инвазија во 2003 година, со која беше отстранета сунитската владејачка класа во Ирак и со која беше уништен статусот што сектата го имаше во општеството. Па, така, групата се позиционира како поборник за обесправените, а чувството на сунитското незадоволство беше централно во нејзината порака. Тогаш, исто како и сега, таквиот наратив го усвоија и лица што во други околности не ја одобруваат тврдокорната теологија, која ИД ја користеше како движечка сила.

Способноста на Багдади да им побегне на своите прогонувачи само ја засили таквата порака. Но големото нарушување и неправдата што ги предизвика терористичката група остануваат очигледни и нерешени. Слабото политичко владеење нуди малку гаранции за правда или помирување, заклучува британскиот весник.