Емануел Макрон и Ангела Меркел денеска треба да го потпишат текстот на договор за јакнење на француско-германските односи за да испратат позитивна порака до Европската унија ослабена со порастот на национализам, јавува дописникот на МИА.

Потпишувањето ќе биде во салата на крунисувањето на градското собрание на Ахен или Екс -ан-Шапел, на истото место каде што на двајцата веќе им беше врачена наградата Карло Велики со која беше наградена нивната посветеност на европското обединување.

Овој пат тие ќе го потпишат новиот договор за соработка помеѓу Франција и Германија, педесет и шест години, по договорот потпишан од Конрад Аденауер и Шарл де Гол во Елисејската палата.

Текстот го одразува и интензитетот на француско-германските односи и тешкотијата да се даде нов елан.

Идејата за овој нов договор беше на Емануел Макрон во својот говор на Сорбона на 26 септември 2017 година.

Составен од дваесет и осум члена, овој „Договор за француско-германска соработка и интеграција” нема иста амбиција како Договорот од 1963 година. Во тоа време, помалку од 20 години по завршувањето на Втората светска војна Шарл де Гол и Конрад Аденауер потпишаа „договор за помирување”, вели Елисејската палата. Педесет и шест години подоцна, тоа е „договор за усогласување” што Емануел Макрон и Ангела Меркел ќе ги потпишат, се објаснува во Париз.

Европските прашања, одбраната, културата, животната средина: во сите овие области, Франција и Германија ветуваат „зајакнување” на нивната „соработка”, за „тесно координирање”. Во многу случаи, текстот ги зема во предвид постоечките практики, на пример, кога се вели дека „двете земји се консултираат редовно на сите нивоа пред главните европски состаноци”.

Другите одредби се суштински симболични: како во членот 4, каде што се вели дека двете држави “си позајмуваат взаемна помош со сите средства што им стојат на располагање, вклучувајќи ги и вооружените сили, во случај вооружена агресија против нивните територии “.

Меѓутоа, во повеќето области, целите остануваат прилично општи, како одраз на патот што треба да се помине за да се приближат двете земји. Ова е случај со одбраната каде се зборува за „развивање на заеднички пристап кон извозот на оружје и заеднички проекти во воената индустрија”. Сепак новиот договор меѓу Париз и Берлин во врска со одбранбените прашања останува ограничен во споредба со она што постои помеѓу Франција и Обединетото Кралство, утврдено во договорите на Ланкастер Хаус во 2010 година.

Друга одредба која зад изложеното единство ги крие фрустрациите е „приоритет на француско-германската дипломатија” за „приемот на Германија како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации”. Всушност, дипломатите дискретно работеа за ова прашање за да го убедат Берлин да се откаже од она што му беше целта, повторено неодамна од министерот за финансии, Олаф Шолц, според кој Франција треба да го отстапи своето постојано место во СБ на Европската Унија.

Кај дел од политичарите кои се наклонети за поголемо приближување на двете земји, текстот е разочарувачки, бидејќи меѓу другите предлозите на парламентарците, од двете земји кои работеа на текстот ги снема нивните предлзи за „зајакнување” на еврото, „гаранцијата за минимално ниво на социјални права”, „зајакнување на соработката во областа на интеграција на мигрантите и бегалците” или создавањето на „француско-германскиот институт за одржлив развој”.

Меѓутоа, две области се исклучок. Прво усогласување на законодавството, особено во деловното право, со цел да се воспостави „француско-германската економска зона со заеднички правила.”

Во овој контекст, централна улога има идното Парламентарното собрание на францускиот парламентот и на германскиот Бундестаг, составено од сто пратеници (педесет Француски и педесет Германски), кој ќе се состанува најмалку еднаш годишно. Овој ембрион на политичко обединување меѓу двата парламенти, ќе биде потпишан подоцна, но не е вклучен, како таков во новиот договор.

Втората област е прекуграничната соработка, со создавање на фонд за поддршка на граѓански иницијативи и збратимување на градовите, за олеснување на учењето на јазикот на другиот, или отстранување на пречките и прописите кои ја попречуваат мобилноста на работниците и кои ги спречуваат компаниите од едната земја да се развиваат во другата.

Во Франција во рамките на протестите на жолтите елеци се појавија гласини дека со овој договор Франција ќе и го отстапи својот суверенитет и регионот Алзас на Германија, што апсолутно не е вистина, но ги потхранува гласините на социјалните мрежи .