Наследството на Багдади сè уште го демне новиот лидер на ИД

Автор: Асад Алмухамед

Форин аферс

Исламската држава (ИД) ја изгуби моќта, но не е целосно уништена. Во март 2019 година, американски поддржаните курдски и арапски сили го освоија последното територијално упориште на групата на Блискиот Исток, поточно градот Багуз во источна Сирија. По седум месеци, лидерот на организацијата Абу Бакр ал Багдади се самоуби откако американските специјалци го заробија во тунел.

Но ИД не се распадна целосно по неговата смрт. Во ноември Расел Траверс, актуелниот директор на Американскиот национален центар за борба против тероризмот, соопшти пред Конгресот дека во текот на минатата година ИД извршила бројни централно координирани транснационални напади и пропагандни кампањи. Сега, терористичката група се потпира на Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Кураши чиј вистински идентитет не е познат и воедно е вистинска мистерија. Но за да ги обедини остатоците од милитантната организација и да стекне моќ, Кураши ќе треба да се справи со два стари проблеми кои го мачеа неговиот претходник, односно идеолошкиот конфликт што се заканува внатрешно да ја уништи ИД и брзорастечката мрежа на ограноци во светот што отвора низа предизвици за централната контрола.

Доктрина и дебата

Новиот калиф не наследи обединета или идеолошки кохерентна организација од Багдади, туку наследи поделби околу доктрината за такфир или екскомуникацијата. Спорот е сложен но се сведува на едно прашање, а тоа е дали ќе се сметаат за неверници оние муслимани кои практикуваат „политеистички“ практики, како гласање на избори што се смета за изразување лојалност кон друг, освен Бог. Една фракција во ИД, која е „екстремистичка“, смета дека ваквите практики се еретички и дозволува убивање на неверниците, а другата е фракција на умерените, што е против ваквото толкување. Самиот Багдади се борел со ваквите тензии во последните неколку години.

На крајот од 2015 година, секторот за безбедност на ИД соопшти дека планирал да ја ослободи организацијата од екстремистите, но на почетокот на 2016 година, еден од најистакнатите експерти на ИД, Турки ал Бинали, тврдеше дека прашањето за „екстремизмот“ во организацијата не е решено. До мај во 2017 година, лидерството на организацијата јавно ги осуди екстремистите во нивните редови со официјална одлука што истовремено ја приближи до екстремистичките практики. Ваквиот чуден компромис ги налути поумерените во ИД, кои не се согласуваа со пресудата. Во септември истата година, лидерството на ИД ја повлече одлуката, но тоа не го смири незадоволството кај умерените. По смртта на Багдади, умерените почнаа да се сомневаат во легитимноста на Кураши чиј став по доктрината не е јасен.

Дебатата за доктрината се одрази и во светски рамки. Горчливите судири околу ова прашање ја ослабеа ИД токму кога ѝ се намали моќта во 2018 и во 2019 година, што предизвика проблеми во сите слоеви на организацијата. Дури и сега двете страни меѓусебно се обвинуваат за проблемот. Останува да се види која од страните ќе стане доминатна и каков пристап Кураши ќе има во дебатата. Но нерешеното прашање ќе му го наруши авторитетот, како и капацитетот да ги координира ограноците.

Центарот нема доволна моќ

Кураши ја има контролата врз ентитетот кој се протега од Западна Африка до Југоисточна Азија. Денес ограноци постојат во Азербејџан, Мозамбик, Минданао, Филипините, па дури и Пакистан. Брзиот подем во светот беше едно од главните постигнувања на Багдади, но исто така предизвика бројни политички, културни и лингвистички предизвици за централната контрола. Низата видео-снимки со милитанти ширум светот кои ја искажуваат својата приврзаност кон Кураши и ИД ја покажува силната лојалност која ограноците сè уште ја имаат кон централната команда. Лидерството на ИД веројатно сè уште оркестрира транснационални напади и пропагандни кампањи преку ограноците.

За да може да управува со растечката мрежа, новиот калиф ќе треба да го зајакне секторот за безбедност. Според политиколозите Бенџамин Бејни и Патрик Џонсон од корпорацијата „Ранд“, овој сектор игра клучна улога во организацијата на ИД што ги поврзува лидерството и секторите. Како нов лидер на ИД, Кураши има моќ да влијае врз иднината на организацијата. Но наследството на Багдади и предизвиците со кои тој се соочуваше сè уште го прогонуваат. За да ја претвори ИД во моќна организација со светски опсег, Кураши ќе треба да се справи со внатрешните идеолошки поделби и истовремено да управува со ограноците ако сака да ја избегне судбината на неговиот претходник.

Превод: Билјана Здравковска