Резултатите од најновото социолошко истражување на американскиот фонд „Меморијал на жртвите на комунизмот“ покажуваат дека дури 36 отсто од средовечните Американци се изјасниле дека ја поддржуваат комунистичката идеја.
Едно од прашањата на кои одговарале испитаниците се однесувало на тоа дали Американците на средовечна возраст се подготвени да гласаат за социјалистите. Одговорите покажуваат дека 20 отсто од испитаниците се подготвени да гласаат за социјалистите, а околу 50 проценти изјавиле дека е многу веројатно да го сторат тоа.

Според истражувањето, капитализмот и натаму е најпожелен во споредба со другите економски системи, при што ја има поддршката на околу 61 отсто од испитаниците. Интересно е тоа што 22 проценти од Американците сметаат дека на општеството би му било подобро доколку се укине сета приватна сопственост. Покрај тоа, само 57 отсто од Американците од милениумската генерација изјавиле дека американската декларација за независност подобро ги гарантира рамноправноста, правата и слободите отколку Комунистичкиот манифест.

Со реакција се јави и извршниот директор на фондот, Марион Смит, кој укажува на „историска амнезија“ кај Американците.

– Историската амнезија во однос на опасностите од комунизмот и социјализмот може добро да се види во годинашниот извештај. Кога не ги едуцираме помладите генерации за историската вистина за стоте милиони жртви, убиени од рацете на комунистичките режими во изминатиот век, тогаш не би требало да се изненадуваме од нивната подготвеност да ги поддржуваат марксистичките идеи. Мораме двојно да ги зголемиме напорите за едуцирање на американската младина за историјата на комунистичките режими и за опасностите од социјализмот денес – истакнува Смит.

Испитаниците во опширната анкета одговарале и на прашањето кој е најголема закана за светскиот мир денес. Па, така, 27 отсто изјавиле дека најголема светска закана е американскиот претседател Доналд Трамп, по кој следуваат севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун (22 отсто) и шефот на руската држава Владимир Путин (15 проценти). На четвртото место е кинескиот претседател Си Џинпинг, а на петтата позиција е неговиот венецуелски колега Николас Мадуро, наведува порталот „Геополитика“.