Новозеландскиот Парламент денеска усвои Закон со кој се предвидува посебен платен десетдневен одмор за жртвите на семејно насилство.

Целта на оваа мерка е да им се помогне на жртвите да ги напуштат своите домови, каде биле изложени на насилство. На овој начин на овие лица ќе им биде овозможено да заминат на одмор, без да стравуваат дека ќе ја загубат работата.

– Тоа е во полза на жртвите, во полза на работодавците и во полза на општетсвото, изјави пратеничката на Партијата на зелените, Џенет Лоуги, која го поддржа Законот.

„За“ усвојување на Законот се изјазнија 63 пратеници од левоцентристичката владејачка коалиција, додека „против“ беа 57 претставници на конзервативната опозиција. 

Пред Нов Зеланд, ваква мерка за платен одмор за жртвите на семејното насилство во 2004 година воведоа и Филипините.

Според податоците, Нов Зеланд е држава со најголем број случаи на семејно насилство меѓу развиените земји. Бројот на убиства при семејно насилство по глава на жител во Нов Зеланд е речиси двојно поголем отколку во Австралија, Велика Британија или Канада. 

Инаку, Нов Зеланд е прва држава во светот која им дала право на глас на жените на избори, уште во 1893 година.