Нов вирус што е сличен на свинскиот грип од 2009 година и кој може да предизвика пандемија е откриен од страна на кинеските научници. Вирусот може да се пренесе на луѓето, а негов главен носител се смета дека се домашните свињи, пишува Би-би-си. Истражувачите се загрижени дека вирусот може да мутира, да стане лесно пренослив од личност до личност и да доведе до нова епидемија. Според британскиот медиум, вирусот засега не се покажа како проблем, но научниците велат дека ги покажува сите знаци на брзо приспособување на луѓето и има потреба од внимателно следење.

Последната пандемија со која се соочи човештвото пред сегашниот бран на коронавирусот беше свинскиот грип од 2009 година, кој почна во Мексико. Таа, за среќа, не се покажа толку смртоносна како што стравуваа експертите. Се покажа дека постарите лица имаат одредени нивоа на имунитет, што веројатно значи дека имало слични бранови на болеста во минатото. Во меѓувреме новиот вирус, откриен од кинеските научници, е сличен на свинскиот грип, но има некои разлики.

Истражувачите го нарекоа Г4 ЕА Х1Н1 и велат дека може да се сместува и да се размножува во клетките што ги покриваат дишните патишта на човекот. Сегашните вакцини против грип не штитат од него, но експертите велат дека препаратите може да се модифицираат и да понудат заштита од Г4 ЕА Х1Н1.