Турската полиција денеска уапси 65 лица во Измир, под сомнение дека се дел од мрежата што ја предводи клерикот Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД.

Меѓу уапсените најмногу се поранешни припадници на воздушните безбедносни сили, пренесуваат турските државни медиуми.

Обвинителот во Измир издаде налог за апсење на 96 лица, а засега во 15 турски провинции се уапсени 65 луѓе, додека по останатите се трага, пренесува АП.

Во одвоена акција, издаден е налог за апсење на 93 лица вработени во училиште поврзано со движењето на Ѓулен.

Турција воведе вонредна состојба и покрена масовни апсења по неуспешниот државен удар во 2016 година, за чија организација беше обвинет Ѓулен.

Досега се уапсени повеќе од 50.000 лица, а 110.000 се отпуштени од државна служба.