Унгарија, Полска и Италија од неодамна формираат свој конзервативен десничарски блок на политичко дејствување, кон кој очекуваат да се приклучат и други земји што не се согласуваат со политиките на Унијата по одредени стратегиски прашања. Колку овој нов сојуз на десни сили во Европа по брегзит ќе ја олесни или дополнително ќе ја компликува состојбата со пандемијата, но и политиката на проширување на Брисел, вклучувајќи ја и Македонија? Домашните аналитичари имаат интересни согледувања во однос на овие прашања

Во најава нова блоковска конфигурација на Европа

Се менува ли релјефот на европската политичка сцена, во кој на досегашните традиционални политички центри ќе им конкурира нов блок на десноориентирани европски партии. Станува збор за нова коалиција на партии со десна провиниенција, кои формираат свој конзервативен блок на политичко дејствување. Имено, според досега објавените информации, премиерите на Унгарија и на Полска, Виктор Орбан и Матеуш Моравиецки, заедно со Матео Салвини, првиот човек на италијанската партија Лига, минатата недела во Будимпешта ги поставиле темелите за сојузот на конзервативната европска десница.
Според најавите во медиумите, новиот политички блок, кој во прво време нема да биде одвоено тело во европарламентот, ќе се залага за редефинирање на политичките релации во Стариот Континент, за изградба на нови односи со Русија, но и за воведување засебни политики што ќе се однесуваат на превенцијата од ковид-19 и надминување на пандемијата.
Во информација на оваа тема, на порталот „Геополитиика“ се напоменува дека тројцата европски лидери сметаат дека во овој момент во ЕУ се минимизираат десничарските политики и се практикуваат единствено оние пласирани од левите партии. Токму затоа, според порталот, следува и окрупнувањето во десниот блок во Европа каде што овој иден сојуз меѓу Унгарија, Полска и Италија ќе се залага за практикување десноцентрални политики од политичкиот спектар на Стариот Континент.

Во меѓувреме, дипломатите и познавачите на политичките состојби во ЕУ со кои се консултиравме велат дека новонастанатите состојби со сигурност ќе го променат лицето на Унијата, но во овој момент е прерано да се шпекулира што навистина може да се очекува од оваа нова десничарска коалиција.
Поранешниот амбасадор и познавач на состојбите во ЕУ, Огнен Малески, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека формирањето на конзервативниот сојуз е новата реалност во ЕУ на која сите треба да се привикнеме.
– Ставовите на овие политичари, кои во исто време се и лидери и на своите партии во своите земји, ѝ се од порано познати на европската јавност и повеќе од јасно е каде е нивниот судир со актуелната доминантна политика во ЕУ. Во принцип, оваа тројка се противи на неколку важни политики на Брисел, кои се однесуваат на надлежноста на државите во блокот, владеењето на правото и справувањето со пандемијата и миграцијата на Унијата – вели амбасадорот Малески.
Поранешниот дипломат објаснува дека иницијалната каписла за формирање ваков тип десничарски сојуз во еврозоната е всушност заминувањето на Орбан од европски народни партии во Европскиот парламент (ЕП).

– Орбан всушност е причината што направи да се отиде чекор понатаму и да се формира ваков пакт, кој во суштина на самиот почеток ќе дејствува единствено во демохристијански народни парии низ ЕП. Во исто време јасно е дека во земјите низ ЕУ веќе подолг период има таква групација на партии што делат слични позиции како со сојузот од Будимпешта. Иако беа штури информациите во која насока, зошто и на какви принципи ќе се темели новиот сојуз, повеќе од јасно е дека овие десни сили во Европа по брегзит дополнително ќе ја компликуваат состојбата со пандемијата, но и политиката на проширување на Брисел од која зависат земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија – оценува Малески.
Од друга страна Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека неодамнешното окрупнувањето на десницата во Европа се должи на ниското ниво на политичко дејствување во Унијата, кое очигледно е многу натежнато од настаните поврзани со пандемијата.
Стефаноски вели дека окрупнувањето на десницата не е добра вест за ЕУ и оти тоа е само знак плус дека политичкиот дискурс е многу низок во Брисел.
Според експертот, идеолошките политики на десницата, но и на левицата секаде во светот стануваат популарни тогаш кога државите се во криза или исправени пред некој сериозен предизвик, како сега овој со пандемијата.

– Орбан периодов игра една двојна игра со ЕУ. Големата слика на дејствувањата во моментов можеби не е видлива од „голото“ око на политичките аналитичари, но нејзиното дејствување ќе стане посилно во периодот што следува. Тоа го тврдам поради фактот дека очекувам оваа тројка Унгарија – Полска – Италија во иднина дополнително да ги охрабри и привлече кон себе авторитарните политичари и од другите земји во Европа, па дури и, за жал, и париите од центарот на спектарот во ЕУ – вели тој.
Стефаноски поентира дека овие радикални десни структури сега не нудат ништо различно и ново од традиционалната политичка сцена во однос на справувањето со пандемијата.
– Ваквите политики досега во Европа никогаш не донеле резултат или решение за некаков проблем, па оттука ниту овие здружувања нема да донесат решение за проблемот со пандемијата со кој се соочува Брисел – заклучува Стефановски.