Последните информации од Нагорно Карабах велат дека лидерите на Ерменија, Азербејџан и на Русија потпишале договор за ставање крај на борбите за отцепениот регион Нагорно Карабах, што предизвика немири во ерменскиот главен град, поради разочараноста на Ерменците од обврзувачките точки во мировниот договор

На повидок застој во битките меѓу Ерменија и Азербејџан во Нагорно Карабах

И покрај чекорите за прекин на конфликтот во Нагорно Карабах, оружјето на терен засега сѐ уште не мирува од страна на двете завојувани страни, Ерменија и Азербејџан во Јужен Кавказ. Дополнително масло на огнот вчера се долеа откако азербејџанските власти соопштија дека по грешка собориле руски воен хеликоптер што летал во близината на ерменско-азербејџанската граница, при што по соборувањето локалните медиуми потврдија дека обата пилоти се мртви. Додека сѐ уште се чекаат деталите за инцидентот, Азербејџан официјално веднаш ѝ се извини на Москва за соборувањето на воениот хеликоптер истакнувајќи дека било случајно.

Постигнат нов договор, немири на улиците

Во меѓувреме, руските власти засега молчат за инцидентот додека голем број драматични снимки се појавуваат на социјалните мрежи на кои се гледа како стотици луѓе излегуваат на улиците на Ереван, главниот град на Ерменија, да протестираат откако лидерите на земјата објавија дека потпишале мировен договор со Азербејџан и со Русија за ставање крај на борбите за отцепениот регион Нагорно Карабах. Како што пренесува „Дојче веле“, гневната толпа во текот на вчерашниот ден успеала да влезе дури и во ерменскиот парламент, при што бил натепан и спикерот Арарат Мирзојан. Демонстрантите го обвинија ерменскиот премиер Никол Пашинијан за предавство и побараа негова оставка поради обврзувачките точки во мировниот договор за кои тој се согласил.
– Донесов многу тешка одлука за себе и за сите нас. Оваа одлука ја донесов како резултат на длабинска анализа на воената состојба и процена на луѓето што најдобро го знаат тоа – напиша Пашинијан на Фејсбук. Тој во статусот на социјалната мрежа наведува дека за него и за ерменскиот народ декларацијата е исклучително болна, но додаде дека одлуката ја донел врз основа на темелна анализа на воената состојба и врз основа на процена на луѓето што најдобро разбираат што се случува на теренот.

Русите и Турците распоредуваат мировници

Иако сѐ уште не е објавен потпишаниот мировен договор за конфликтот во Кавказ, од она што достапно во медиумите се наведува дека примирјето во Нагорно Карабах заеднички ќе го набљудуваат руски и турски мировници.
На руска страна, би биле ангажирани 1.960 војници на период од пет години со можност за продолжување за уште пет години. За турските сили сѐ уште не е јасно за колкав број мировници станува збор, кои би биле ангажирани во мировната мисија. Од она што засега е познато е дека договорот предвидува и размена на затвореници. Двете страни треба да ги разменат и посмртните останки на загинатите војници во периодов додека бегалците треба да се вратат во својата татковина под надзор на Обединетите нации. Во исто време во текот на изминатиот ден и официјална Москва, но и Анкара го поздравија потпишувањето на мировниот договор. Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека декларацијата за завршување на војната, потпишана од Баку, Ереван и Москва, на долг рок и на фер начин ќе помогне во решавање на спорот за Нагорно Карабах и ќе биде во интерес на азербејџанскиот и ерменскиот народ. Слично на Путин и министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, чија земја го поддржува Баку во конфликтот, го поздрави договорот за Нагорно Карабах. Тој преку порака на Твитер истакна дека Азербејџан остварил значителна придобивка на теренот и на преговарачка маса и срдечно им честита за успехот.

Над илјада загинати

Инаку, деценискиот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан за регионот Нагорно Карабах повторно се разгоре на крајот на септември. Според официјалните информации од обете страни во конфликтот, повеќе од илјада луѓе се убиени од почетокот на борбите. Нагорно Карабах еднострано ја прогласи својата независност за време на распадот на Советскиот Сојуз. Следуваше војна со 30.000 мртви во 90-тите години на минатиот век. Самопрогласената Република Нагорно Карабах сè уште не е признаена на меѓународно ниво и, според меѓународното право, се смета за дел од Азербејџан. Поголемиот дел на Нагроно Карабах е населен со Ерменци.