На протестите во текот на ноќта во два града во јужен Ирак загинаа 11 лица, меѓу кои и еден полицаец, а демонстрациите и судирите со полицијата продолжуваат и во главниот град Багдад и покрај воведувањето полициски час.

Седум демонстранти и полицаец беа убиени во градот Насиријах за време на судирите со полициските сили, додека четворица беа убиени во градот Амара, пренесува „Ројтерс“.

Ирачките безбедносни сили утрово користеле солзавец за да растераат стотици демонстранти кои повторно излегоа на улиците во Багдад, неколку часа по прогласувањето на полицискиот час, по дводневните антивладини демонстрации кои ескалираа во судири со полицијата.

Според „Ројтерс“, досега се убиени најмалку 20 лица, а стотици се повредени од вторникот кога започнаа антивладините демонстрации, кои ескалираа во насилство и судири со полицијата.