Министерството за правда на САД објави дека очекува да поднесе обвинение против повеќе од 100 лица, кои се осомничени за учество во нападот на Капитол на 6 јануари, наведувајќи дека ова е веројатно една од најсложените истраги досега.

Повеќе од 300 лица веќе се соочуваат со обвиненија за насилно влегување во зградата на Конгресот кога пет лица го загубија животот, а повеќе од 130 полицајци беа повредени.

Министерството за правда ги објави податоците за планираните нови обвиненија во документите доставени до судот, во кои во некои случаи побара дополнителни 60 дена за собирање докази, пренесуваат американските медиуми.

Истрагата и гонењето на одговорните за нападот врз Капитол веројатно ќе бидат меѓу најголемите судења во историјата на Америка како во однос на бројот на обвинети така и по природата и обемот на доказите, соопштија федералните обвинители.

Федералното биро за истраги сè повеќе е насочено кон поврзување на осомничените со екстремно десничарски групи, како што се „Чуварите на заклетвата“ и „Гордите момци“.

Повеќе од 900 наредби за претрес досега се извршени во речиси сите 50 држави во САД и во Вашингтон.