Властите во Филаделфија викендов воведоа полициски час, за да ги спречат насилствата проследени со кражби за време на протестите, кои избија откако Афроамериканец беше жртва на полициско насилство. Како што е соопштено од канцеларијата на градоначалникот на Филаделфија, полицискиот час што стапи во сила во саботата навечер во 21 часот беше предвидено да трае 24 часа. Според Си-ен-ен, во Филаделфија од понеделникот се одржуваат протести откако полицијата го застрела 27-годишниот Афроамериканец Волтер Волас, кој се судрил со безбедносните сили и бил вооружен со нож. Волас почина како последица од повредите. Во првиот ден од протестите биле уапсени 91 лице. Полицијата обвини дека дел од демонстрантите ги искористиле протестите за кражба во продавници. Инаку веќе пет месеци во повеќе сојузни држави се одржуваат протести против расизам, кои повремено се пренесуваат и во Европа. Иницијалната каписла за големите протести на национално ниво беше смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд за време на насилното апсење во Минеаполис на 25 мај, кое го поттикна глобалното движење „И животите на црните луѓе се важни“.