Судирите меѓу подржувачите на власта и опозицијата во Венецуела не запираат. Според „Би-би-си“, денес една жена е смртоносно застрелана, а повредени се повеќе од десет лица во главниот град на земјата Каракас.

Војската денес искористила солзавец и водени топови за да ги спречи демонстрациите, а лидерот на опозицијата Хуан Гвидо повика да се пронајдат одговорните за смртта на 27-годишната жена. Тој дополнително побара од вработените во државните институции утре да штрајкуваат, со цел да се изнуди оставка на претседателот Николас Мадуро.

Во јануари, Гвидо се прогласи за привремен лидер на Венецуела, а набрзо потоа беше признат од повеќе од 50 земји во светот, вклучувајќи ги и САД, Велика Британија и повеќе земји во Латинска Америка. Како прв човек на националното Собрание, тој се повика на Уставот на земјата за да го преземе претседателството, твдрдејќи дека победата на изборите на Мадуро е нелегитимна.

Од друга страна, Мадуро кој е поддржан од Русија, Кина и лидерите на армијата на Венецула, одби да се повлече од функцијата. Претседателот ги отфрли шпекулациите дека се подготвува да ја напушти земјата и ги обвини САД за организација на пуч.

Вчера, на улиците на Каракас и про-владините и анти-владините поддржувачи започнаа демонстрации на кои беа планирани како мирни протести.

Но, вчера во медиумите се појавија информации дека се забележани истрели на огнено оружје, а потоа е констатирано дека најмалку 46 лица се повредени во судирите меѓу поддржувачите на опозицијата и безбедносните сили.