Минесота обвини уште тројца полицајци за кршење на законот при приведувањето на Џорџ Флојд, задоволувајќи го со тоа едно од барањата на демонстрантите кои се собираат секоја ноќ во американските градови во знак на протест и барање правда за неговата смрт, пренесува „Њујорк тајмс“.

Но, според демонстрантите, тоа не е доволно. Потребна е внатрешна промена во САД. Некои од демонстрантите беа незадоволни што полицаецот Дерек Шовен е обвинет за убиство од втор степен, наместо од прв, односно бидејќи кривичното гонење на другите полицајци не било покренато порано.

– Мислам дека борбата ќе биде долга. Не само во Минесота, туку и во другите градови низ САД – рече Изи Смит од Минеаполис, која беше меѓу оние што демонстрираа на местото каде што беше уапсен и убиен Флојд минатиот месец.

Некои од активистите за граѓански права сметаат дека доколку протестите не се случеа, никогаш немаше да бидат покренати постапки против полициските службеници виновни за смртта на Флојд. Исто така, активистите велат дека има безброј вакви случаи ширум САД, но и насекаде низ светот. 

Полицијата во Минеаполис ги објави личните досиеја за обвинетите полицајци

Полицијата во Минеаполис вчера објави 235 страници со личните досиеја за четворицата поранешни полицајци обвинети за убиството на Флојд на 25 мај, а сите беа отпуштени од полицијата откако се појави видеоснимката од неговото апсење.

Тројцата полицајци, Томас Лејн (37), Џеј Александар Куенг (26) и Ту Тао (34) беа обвинети за помагање и поттикнување на убиство од втор степен, покажуваат судските записи. Куенг беше во притвор во средата. Властите соопштија дека работат на апсењето на Лејн и Тао. Четвртиот полицаец, Дерек Шовен (44), кој беше уапсен минатата недела, се соочува со обвинение за убиство од втор степен.

Флојд не пружал никаков отпор за време на апсењето

Долгогодишниот пријател на Флојд, кој се наоѓал во совозачкото седиште во автомобилот на Флојд за време на апсењето, изјави дека тој се обидел да ги смири тензиите со полицајците и не пружал отпор за време на апсењето.

– Од почетокот, тој се обидуваше да биде смирен и да не покаже никаков отпор. Можев да го слушнам како ги моли велејќи ве молам, полицајци, поради што е сето ова? Засекогаш ќе го помнам изразот на страв на неговото лице. Сликата на возрасен маж додека плаче, кој знае дека ќе умре – вели Морис Лестер Хол, кој беше приведен во Хјустон во понеделникот и испрашуван четири часа, пред да биде пренесен во затвор во Хјустон.

Хол е клучен сведок во државната истрага за четворицата полицајци кои го уапсија Флојд.

– Самиот факт што ги поднесовме овие обвиненија значи дека веруваме во нив. Но, не верувам дека еден успешен случај може да ги ублажи болката и загубата што ја чувствуваат толку голем број на луѓе – рече јавниот правобранител Кит Елисон.

Кит Елисон

Елисон побара од јавноста трпение и ја предупреди дека историјата покажува многу  предизвици при кривичното гонење на полициски службеници.