Американските медиуми објавија доверливи електронски писма од администрацијата, добиени од организацијата „Центар за јавен интегритет“, која се занимава со новинарски истражувања. Според нив, буџетскиот оддел на САД испратил допис до Пентагон за задршка на воената помош за Киев, 90 минути по телефонскиот разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и неговиот украински колега Владимир Зеленски.

Дописот до Пентагон е потпишан од Мајкл Дафи, претставник на административно-буџетскиот оддел на САД. Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот, изјави дека ова е уште еден доказ дека импичментот против Трамп е правилно решение.

Претходно, весникот „Вашингтон пост“ јави дека Белата куќа ги убедувала демократите да ги напуштат плановите за итна воена помош за Украина. Високи официјални лица од администрацијата за тоа се заканувале со вето на претседателот, кое би ја блокирало работата на Владата.

Задржаната воена помош за Украина од 391 милион долари, се случила паралелно со барањето на Трамп до Зеленски да спроведе истрага за неговиот политички ривал Џо Бајден, поранешен американски потпретседател и негов можен противкандидат на изборите во 2020 година.Одлуката за задршка на воената помош за Киев, е главната причина за отповикувањето на Трамп изгласано во Претставничкиот дом на САД минатата недела.