Справувањето со безбедносната закана од подемот на Кина ќе биде важна ставка во стратегијата на НАТО за наредните десет години, во која се јавува значително реосмислување на целите на Алијансата во согласност со геостратешкото насочување на САД кон Азија, открива генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Столтенберг вели дека Кина веќе има големо влијание врз европската безбедност преку нејзините сајбер-способности, инвестициите, новите технологии и ракетите со голем дострел. НАТО-членките детално ќе објават како ќе биде одговорено на овие предизвици во стратешкиот концепт што ќе ја нагласи целта на Алијансата за наредните десет години.

– НАТО е сојуз на САД и на Европа. Но, овој регион се соочува со глобални закани – тероризмот, сајбер-заканите, како и подемот на Кина. Кога станува збор за зацврстувањето на нашата колективна одбрана, на тој начин ќе се осврнеме и на подемот на Кина – истакна Столтенберг, додавајќи дека може да се предвиди како подемот на Кина ќе влијае врз безбедноста на НАТО.

Алијансата идното лето на самит ќе го усвои новиот стратешки концепт, бидејќи тековната верзија усвоена во 2010 година не ја споменува Кина. Токму затоа, Столтенберг, кој е поранешен норвешки премиер и треба да се повлече од функцијата во НАТО, потенцира дека членките на воениот сојуз ќе ги намалат активностите за надворешни закани надвор од нивните граници, а ќе се фокусираат повеќе на внатрешната заштита.

– Кина во август тестираше хиперсонична ракета што демонстрираше напредна способност за оружје со голем дострел, која ги изненади американските разузнавачи. Се смета и дека секој предлог за намалување на фокусот во однос на Русија би наишол на протести од земјите-членки од Источна Европа, кои сметаат дека Москва е постојана закана и ја гледаат НАТО-алијансата како единствен гарант за нивната безбедност – пренесува „Фајненшл тајмс“.

Новиот концепт на НАТО нема да ги смета Кина и Русија за засебни закани.

– Како прво, Русија и Кина тесно соработуваат. Како второ, кога повеќе инвестираме во технологиите, тоа се однесува на нив двете – наведува Столтенберг во интервјутото за „Фајненшл тајмс“.


Лавров: Русија ги прекинува дипломатските односи со НАТО

Русија ќе ја прекине воената мисија за врски на НАТО во Москва и ќе ја укине акредитацијата на нејзиниот персонал како одговор на одлуката на алијансата да ја повлече акредитацијата на осум руски дипломати, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција.

– Како одговор на акциите на НАТО, ги прекинуваме активностите на мисијата за воена врска на НАТО во Москва и ќе ја укинеме акредитацијата на нејзиниот персонал од 1 ноември оваа година – рече Лавров.

Исто така, работата на информативната канцеларија на НАТО во Москва, која беше формирана во амбасадата на Кралството Белгија, ќе биде прекината, додаде шефот на руската дипломатија.

– Ако НАТО има итни прашања, може да се обрати до нашиот амбасадор во Белгија за тие прашања – порача Лавров.

На 6 октомври, НАТО објави дека го намалува персоналот на руската мисија во алијансата од 20 на 10 членови, укинувајќи ја акредитацијата на осум дипломати и укинувајќи две слободни места. Северноатлантската алијанса им нареди на руските дипломати да го напуштат Брисел до крајот на октомври.