Следниот специјален пратеник на ОН за Сирија, норвешкиот дипломат Геир Педерсен изјави дека очекува неговата задача да биде тешка, но изрази надеж дека ќе придонесе за прекин на повеќегодишниот конфликт.

– Овој конфликт трае премногу години и ако можам да помогнам за тој да заврши, треба да го прифатам таквиот предизвик, изјави Педерсен за норвешките медиуми.

Тој истакна дека за таа цел е потребна поддршка од Советот за безбедност на ОН, регионалните сили и „најважно, да започне дијалог со страните во сирискиот конфликт“.

Педерсен беше назначен за иден специјален пратеник на ОН за Сирија од страна на генералниот секретар на организацијата Антонио Гутереш. Тој ќе ја преземе функцијата од досегашниот пратеник Стефан де Мистура кон крајот на овој месец.