Ким Јонг-ун пристигна на состанокот со Помпео во новиот црн „Ролс ројс“

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун има нов автомобил, црн „Ролс ројс“ во кој пристигна на состанокот со американскиот државен секретар Мајк Помпео, викендов, пренесува „Си ен ен“. 

Ким Јонг-ун вообичаено се вози во модерната блиндирана лимузина „Мерцедес-мајбах пулман гард“ вредна преку еден милион долари, на која стигна на самитот со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, одржан во април.

Ким Јонг-ун досега ја користеше лимузината „Мерцедес-мајбах пулман гард“ вредна преку еден милион долари

Не е познат начинот на набавка на автомобилите на Ким Јонг-ун, бидејќи е извесно оти нивното купување претставува прекршување на санкциите кон Северна Кореја. 

Ким Јонг-ил, таткото на сегашниот лидер на Северна Кореја, наводно, имал личен купувач кој патувал низ Европа со кофер полн со пари, купувајќи луксузни производи, со што ги избегнувал санкциите.

Медиумите објавија оти новиот автомобил на Ким Јонг-ун претставува шлаканица за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која инсистираше на строго спроведување на санкциите кон Северна Кореја.