На 1 април, во екот на кризата на коронавирусот во Италија, маж со заштитна маска на лицето се доближуваше кон старeчки дом во Фоџа, во јужниот регион на Апулија. Тој немаше намера да им помогне на луѓето во домот, туку да ја разнесе вратата со експлозивна направа, пишува „Гардијан“.

Инцидентот во кој, за среќа, немаше повредени, не беше изненадување за управникот на домот Лука Виџиланте, кој тукушто ги завршил поправките по бомбашкиот напад што се случил во јануари.

Автомобилот на братот на Виџиланте, Кристијан, исто така бил разнесен неколку недели пред нападот во јануари. Браќата биле клучни сведоци во два судски предмета поврзани со криминална организација за која властите веруваат дека ја претставува „петтата мафија“ во Италија.

Заедно со Коза ностра на Сицилија, Н’дрангета во Калабрија, Камора во Неапол и Сакра Корона Унита, истражителите ја идентификувале криминалната организација во подем, со седиште во Апулија, која функционирала притаено со години.

Истрагите укажувале на активностите на „петтата мафија“ во северна Апулија, но потврда претставувале поставената бомба во автомобил во Фоџа и убиството на 50-годишен маж. Насилството во Фоџа, претставуваше повод за министерката за внатрешни работи Лучијана Ламорџезе да испрати тим од истражители во Апулија.

Знаците за криминалните активности на мафијашкиот клан биле забележливи уште пред посочените инциденти. Во просек имаше по едно убиство и еден грабеж дневно, како и еден обид за изнуда на секои 48 часа во Фоџа, во 2017 и во 2018 година.

Мафијата во Фоџа се појави во 70-те години на минатиот век, кога водечкиот човек неаполската мафија и основачот на новооформената Камора, Рафаел Кутоло, се сретна со делегација на локални криминалци од Апулија, со цел да ги ангажира во неговата организација и да го прошири влијанието врз шверцот на цигари кон Балканот.

Обвинителот од Бари Џузепе Волпе посочува дека медиумите погрешно известиле дека зад инцидентите во Фоџа стои Сакра Корона Унита, позната како „четвртата мафија“, бидејќи не знаеле за постоењето на мафијашкиот клан во Фоџа.

Во Фоџа има три криминални подгрупи. Сочета Фоџана се занимаваат со изнуда и трговија со дрога, кланот Черињола со грабежи на оклопни возила и со криумчарење на кокаин, а третата подгрупа активна околу Гаргано, заработува од шверцот на марихуана од Балканот.

Обвинителите увидоа дека имаат работа со вистинска мафија, но властите во Рим ја потценуваа подзаборавената мафија од Фоџа како второкласна организација.

Се верува дека локалната мафија убила 360 луѓе само во областа на Гаргано, а 80 отсто од убиствата остануваат нерешени.