Прашање што сигурно ќе му задава главоболки на британскиот премиер е ескалирачката криза со Иран, како и прашањето за тоа како да се обезбеди комуникациската инфраструктура. Тука се и проблемот за партиското управување и прашањето дали лидерот на конзервативците воопшто има право да биде премиер, ако се земе предвид дека партиското мнозинство се намали откако еден од пратениците беше суспендиран од парламентот поради обвинувањата за сексуални престапи, наведува „Блумберг“

Новоизбраниот британски премиер Борис Џонсон мандатот го почнува соочен со повеќе предизвици и тешки задачи, како на домашен, така и на надворешен план. Најголем предизвик пред бившиот шеф на британската дипломатија е прашањето што ја урна претходничката Тереза Меј и кое доминираше со повеќенеделната внатрепартиска лидерска трка, а тоа е излегувањето на Британија од Европската Унија. Џонсон вети дека тоа ќе го стори до 31 октомври, без разлика на тоа дали Лондон и Брисел ќе постигнат или нема да постигнат договор за брегзит. Друго прашање што сигурно ќе му задава главоболки на британскиот премиер е ескалирачката криза со Иран, како и прашањето за тоа како да се обезбеди комуникациската инфраструктура. Тука се и проблемот за партиското управување и прашањето дали лидерот на конзервативците воопшто има право да биде премиер, ако се земе предвид дека партиското мнозинство се намали откако еден од пратениците беше суспендиран од парламентот поради обвинувањата за сексуални престапи, наведува „Блумберг“.

Најитно прашање е Иран. Менаџирањето на оваа криза, за Џонсон ќе значи справување и со американскиот претседател Доналд Трамп, а не само со лидерите на ЕУ. Во моментов, Британија се обидува своите напори да ги одвои од оние на САД. За разлика од Вашингтон, Лондон и натаму го поддржува иранскиот нуклеарен договор, во чие постигнување доста помогна.

Во однос на телекомуникациите, одложена беше одлуката за тоа дали да се користи опрема од „Хуавеи“. Со нејзиното користење се ризикува вознемирување на администрацијата на Трамп, која воведе забрани против компанијата. Но одложувањето на ширењето на мрежата 5Г во Британија за две години ќе има економски последици.
Од друга страна, се очекува значително подобрување на односите помеѓу САД и Британија со Џонсон на чело на британската влада. Трамп е поддржувач на новиот британски премиер. Американскиот претседател веќе сигнализира дека односите ќе станат посебни на повеќе начини. Нема сомнение дека атмосферата драматично ќе се подобри, барем на близок рок. Трамп и Тереза Меј добро почнаа, но односите набргу се оладија откако таа го критикуваше поради неговите директни мешања во работите на Британија.

– Личната хемија помеѓу двајцата лидери многу ќе се подобри. Трамп очигледно го фаворизира Борис Џонсон за лидер и сигурно двајцата ќе имаат многу сличен став за брегзит – истакнува Аманда Слоут, бивша функционерка во американскиот Стејт департмент.

Со сигурност може да се прогнозира дека една од првите официјални посети на странство на Џонсон ќе биде патувањето во Вашингтон, за да ја прикаже новата трансатлантска хармонија, која ќе се заснова на угодувањето на желбите на американскиот претседател. Сепак, не треба да се заборави фактот дека напуштањето на досегашните британски надворешнополитички позиции е ризична стратегија за премиерот со тенкиот мандат, кој се соочува со изгледите за предвремени парламентарни избори. Никој не сака да излезе на изборите носејќи го прекарот „пудлица на Вашингтон“. Но, од друга страна, ако не ја промени политиката, пријателскиот амбиент може и да не потрае долго. Џонсон нема да биде првиот лидер што ќе открие дека поддршката од Трамп може да биде и голема замка.
На крајот, во поставувањето на неговиот трансатлантски курс, премиерот Џонсон не смее да го изгуби од предвид фактот дека лојалноста кон Трамп ретко наидува на реципроцитет.


Контроверзен политичар и новинар

Приврзаниците го сметаат новиот британски премиер Борис Џонсон за духовит, популарен и привлечен политичар. Додека, пак, критичарите и од левицата и од десницата, го обвинуваат за елитизам, неискреност, мрзливост и употреба на расистички и хомофобичен речник.

За разлика од противкандидатот на внатрепартиските избори, богатиот претставник на британската елита Џереми Хант, Џонсон пред влегувањето во политичките води работел и други работи. По дипломирањето на класични студии на Универзитетот во Оксфорд, тој во Лондон се вработува како советник за менаџмент, но поднесува оставка само по една седмица.

Џонсон ја почна кариерата како новинар, а не како политичар, но набргу западна во проблеми. Тој почна да работи во лондонски „Тајмс“, каде што предизвика скандал кога напиша статија за археолошки откритија во палатата на Едвард Втори. Џонсон измисли изјава, за која лажно тврдеше дека ја добил од историчарот Колин Лукас, кој инаку му е кум. Поради скандалот, тој набргу е отпуштен од „Тајмс“.

Од друга страна, Џонсон беше и на многу политички функции. Тој беше градоначалник на Лондон од 2008 до 2016 година, а во наредните две години беше шеф на британската дипломатија. Џонсон е познат по поддршката за брегзит, но кога британските гласачи го поддржаа излегувањето од Европската Унија, тој го поддржа преговарањето со Брисел, отфрлајќи ја идејата за плаќање „сметка“ за излегувањето, во износ од 39 милијарди фунти.

Џонсон е роден на 19 јуни 1964 година, и тоа во Њујорк. Татко му има турско потекло, додека, пак, неговата баба е потомок на вонбрачна врска на кралот Џорџ Втори, што, пак, го доведува во роднински врски со голем број британски благородници.