Најнов фронт на обновеното ривалство од Студената војна се обидите за производство на целосно американска ракета за воени лансирања

Во период кога Русија и Кина сѐ повеќе им се закануваат на американските интереси на копно и во вселената, трката за вселената, која беше една од главните карактеристики на Студената војна, повторно е во фокусот на Пентагон. Најнов фронт во интензивираниот натпревар за доминација на ѕвездите е обидот на американската влада да развие домашни ресурси ракетни мотори, потребни за лансирање воени разузнавачки сателити и друг чувствителен товар во вселената – индустрија што денес и понатаму зависи од Москва. Речиси 20 години, САД ги употребуваат руските мотори „рд-180“ за лансирање ракети од интерес на националната безбедност. Но руската инвазија на Крим во 2014 година и наводното мешање на Москва во американските претседателски избори во 2016 година ставија крај на привременото примирје по Студената војна. Вашингтон сѐ повеќе ја смета Москва за извор на нестабилност низ светот, а зависноста на американската војска од „рд-180“ за пристап во вселената, за голема пречка, наведува „Форин полиси“.
Соочен со сѐ поголемата закана од руските и кинеските антисателитски оружја, американскиот претседател Доналд Трамп лани ја соопшти својата намера да основа нови вселенски сили, како посебен разгранок на војската на САД. Во меѓувреме, воените лидери ги засилија напорите за изградба на мрежа од сензори во вселената, за рано откривање на истреланите непријателски проектили.

– Кина и Русија ја вооружија вселената. Нема да седиме мирни и само да гледаме. Мораме да дејствуваме – порача во април привремениот американски министер за одбрана Патрик Шенехан.

Дел од американската офанзива е ставање крај на употребата на рускиот мотор, кој се користи за лансирање на главната ракета „Атлас 5“, произведена од „Јунајтед лаунч елајанс (УЛА)“, заеднички проект на гигантите „Локид Мартин“ и „Боинг“. Министерството се обидува да го испочитува рокот декември 2022 година, кој беже поставен од Конгресот, за изградба на прва американска ракета со погон од домашно произведени мотори.
– Сметам дека не може да се преувеличи важноста на сето ова. Може да се каже дека вселената, небранета од агресија, би можела да биде нашата Ахилова петица – истакна Тори Бруно, директорот на УЛА.

Но многумина во индустријата се сомневаат во начинот на кој американската влада ќе ја воспостави конкуренцијата, тврдејќи дека учесниците во трката имаат неправедна предност. Четири компании се натпреваруваат за два достапни договор – УЛА, долгогодишниот соработник на одбраната „Нортроп груман“, и двата новодојденци што ја потресоа индустријата, „Спејс екс“ на Илон Маск и „Блу ориџин“ на Џеф Безос.
За оваа индустрија влоговите се астрономски.

– Двата победника би можеле да добијат 25 лансирања, секое чини помеѓу 100 и 150 милиони долари, односно вкупно околу 3,8 милијарди долари – оценува Тод Херисон, директор на проектот за вселенска безбедност при Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања.

Од друга страна, фирмите што ќе загубат на тендерот ќе бидат исклучени од вселенските лансирања за национална безбедност наредните пет години.
– За вселенскиот бизнис на УЛА и на „Нортроп“ тоа е од егзистенцијално значење – додава Херисон.
Во 1950-тите и 1960-тите, американската војска користеше модификувани интерконтинентални балистички проектили за лансирање чувствителни шпионски, комуникациски, навигациски и други сателити во вселената. Потоа, во 1970-тите, американската воена авијација и НАСА соработуваа на програмата за спејс-шатл, што ќе ги задоволува потребите на американската војска и на цивилните проекти. Но откако спејс-шатлот „Челинџер“ експлодира во 1986 година, претседателот Роналд Реган ѝ нареди на војската да развие „мешана флота“, поставувајќи ја сцената за модерната ракетна индустрија.

Во меѓувреме, и Русија инвестира во вселенските лансирања, испраќајќи сателити во вселената со побрзо темпо од САД. За да ја задоволи побарувачката, Москва го разви евтиниот и со високи перформанси мотор „рд-180“, кој беше многу подобар од моторите на другите конкуренти.
– До неодамна никој во САД не можеше да развие комора за потисок што ќе издржи толку голем притисок како „рд-180“, поради што моторот беше толку ефикасен. Русите прават неверојатно добри ракетни мотори – додава Херисон.

Во тој период, Вашингтон беше повеќе од среќен да ја остави Москва да има предност во вселенските лансирања. Според американската администрација, колку повеќе руски инженери се ангажирани на вселенски лансирања, толку помалку Русија ќе мора да им продава ракетна технологија на „непослушни“ држави, како што е Северна Кореја. Па, така, во трката за задоволувањето на потребите на американската војска во 1980-тите години, „Боинг“ и „Локид Мартин“ се фокусираа на Москва. „Локид“ на крајот го избра „рд-180“ за својата ракета „Атлас 5“, додека, пак, „Боинг“ се одлучи за мотори произведени од американската фирма „Рокетдајн“, за лансирање на својата ракета со голем товар „Делта 4“. Двете компании наскоро открија дека нивните ракети не може да се натпреваруваат со поевтините руски ракети или со „Аријана“ на Европската вселенска агенција.

Во трката подоцна се вклучи и Маск со ракетата „Спејс екс“, која дури во мај 2017 година лансира товар од национална безбедност во орбитата. Во меѓувреме, друг проблем се појави за Пентагон и УЛА. Откако Русија изврши инвазија врз Крим во 2014 година, неколку сенатори, предводени од Џон Мекејн, протестираа поради тоа што УЛА го користи „рд-180“ и му одредија краен рок на Пентагон – американската војска мора да ја запре зависноста од рускиот мотор до декември 2022 година. Конкурентите за програмата за вселенски лансирања од национална безбедност, во чии рамки ќе бидат избрани две компании за 25 лансирања во петгодишен период, имаат краен рок до август да ги поднесат нивните предлози.

[email protected]