Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин се сретнаа денеска во местото Панмунџом во демилитаризираната зона долж границата на двете Кореи.

Како што соопшти Кабинетот на Мун, на оваа втора средба на двајцата лидери станало збор за имплементацијата на договореното на нивниот претходен состанок одржан на 27 април, како и за можноста за одржување средба меѓу Ким и американскиот претседател Доналд Трамп.  

– Двајцата лидери имаа отворена размена на мислење за спроведувањето на Декларацијата од Паммунџом, усвоена на 27 април, како и за неопходноста од одржување на средба на високо ниво меѓу САД и Северна Кореја, се наведува во сооопштението, при што се додава дека Мун утре ќе соопшти повеќе детали од денешните разговори, кои траеле повеќе од два часа.

Трамп синоќа најави дека сепак е можно да се сретне со Ким на 12 јуни во Сингапур, иако во четвртокот официјално соопшти дека ја откажува нивната средба закажана за овој датум.

Американскиот претседател порача дека  ќе почека да види што ќе се случи во услови кога „сите играат игри”, додавајќи дека првичниот датум за средбата и натаму е во игра.