Двата главни преговарачи за Брегзит, Доминик Раб и Мишел Барние, се сретнуваат денеска и утре во Брисел во обид да ги надминат длабоките разлики во процесот.

Раб и Барние ќе разговараат за иднината на односите помеѓу ЕУ и Велика Британија како и за темите кои остануваат да се решат во рамките на Спогодбата за повлекување на Велика Британија, соопштија прес службите, но не се откриваат повеќе детали засега, јави дописничката на МИА од Брисел.

Двете страни се заглавени во преговорите околу повеќе точки: границата помеѓу Република Ирска и Северна Ирска, внатрешниот пазар и трговските односи помеѓу Брисел и Лондон по напуштањето на Велика Британија.