Макрон се обидува да се претстави како свеж, енергичен и иновативен лидер, подготвен да ја преземе должноста на медијатор во поважните кризи и спорови

Со излегувањето на Британија од ЕУ, темелно се менува постојниот однос на силите. Либералниот блок во Европарламентот, Советот на министри и преостанатите релевантни институции, е ослабен. Брегзит ќе ја зајакне позицијата на Франција и на Германија, а оската Берлин – Париз ќе стане трајна реалност на Унијата, без значајна опозиција. Во таа насока е дипломатската офанзива на Париз и на Берлин кон источноевропските земји-членки, чија цел е намалување на влијанието на Кина и на САД, оценува порталот „Геополитика“

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна првпат во својот мандат ја посети Полска, со што сигнализираше пресврт во меѓусебните односи по нивното заладување. Во меѓувреме, Макрон се обидува да се претстави како свеж, енергичен и иновативен лидер, подготвен да ја преземе должноста на медијатор во поважните кризи и спорови. Меѓу најинтересните изјави од неговата посета е констатацијата дека Франција, Германија и Полска ќе ја предводат Европската Унија по брегзит. Со излегувањето на Британија од ЕУ, темелно се менува постојниот однос на силите. Либералниот блок во Европарламентот, Советот на министри и преостанатите релевантни институции, е ослабен. Брегзит ќе ја зајакне позицијата на Франција и на Германија, а оската Берлин – Париз ќе стане трајна реалност на Унијата, без значајна опозиција, оценува порталот „Геополитика“.

– Брегзит изнудува нова динамика во односите помеѓу преостанатите земји-членки на ЕУ – порача шефот на француската држава.
Покрај тоа, Макрон најави дека наскоро ќе биде одржан состанок на т.н. Вајмарски триаголник, односно средба на претставниците на Франција, Германија и на Полска. Вајмарскиот триаголник претставува полуформално собирање на функционерите на овие три земји, втемелено во 1991 година за промовирање на соработката и поддршката за решавање спорови во кризните жаришта, односно на ситуации како што се украинската и мигрантската криза, кои влијаат на целата ЕУ. Ваквиот формат досега имаше скромни резултати. Но во моментов, изгледа дека Макрон со своите чекори се обидува сериозно да го измени таквиот тренд на скромни резултати. Состанокот на шефовите на држави во контекст на брегзит би можел да биде вовед во реорганизација на односите на силите и ново позиционирање помеѓу членките на Унијата. Сепак, исто така постои голем јаз помеѓу Полска, Германија, Франција и институциите на ЕУ. Јазот, пред сѐ, се рефлектира во контроверзните правосудни реформи, кои полската влада сака да ги спроведе. Притисоците од институциите на ЕУ и земјите-членки досега не дадоа конкретни плодови. Полската владејачка партија е многу популарна и има голема поддршка на јавноста, додека, пак, Полска ја „погоди“ економски подем што веќе почна да се чувствува и во помалите места, а не само во урбаните јазли како што се Варшава и Краков.

Со брегзит темелно се менува постојниот сооднос на силите во самата Унија. Британија во текот на своето членство честопати даваше отпор на иницијативите што водеа кон подлабока интеграција и поблиски политики помеѓу земјите-членки, со наклонетост кон билатерализмот и слободните трговски договори со трети земји. Сепак, на зајакнатата оска Берлин – Париз внатрешната позиција претставува групата земји од т.н. Вишеградска четворка (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), чија цел е преку поблиска соработка помеѓу наведените членови и спојување на ресурсите и капацитетите да се формира респектабилна опозиција кон германската и француската политика, и тоа преку соработка во институциите на ЕУ и стратегиските иницијативи.

Една од таквите иницијативи е и изградбата на железнички коридор од Гдањск до Црно Море, како и терминал за течен природен гас на Крк, чија цел е обезбедување економска и енергетска независност на земјите-членки. Наведената иницијатива ја доби поддршката на Кина и на САД, кои во неа гледаат шанса за ослабување на доминантната германско-француска оска во ЕУ. Па, така, анализирајќи ја во тој контекст иницијативата на Макрон, може да се констатира дека таа е нов обид на земјите од Стара Европа за неутрализирање на постојната опозиција од земјите од Нова Европа, и тоа преку дијалог и формирање компромис за важните прашања, со оглед на новата констелација на моќта во Унијата.