Како еден од поголемите но помалку воочени настани на европско тло за изминатиот период беше и ставањето во функција на новата нуклеарна централа во Белорусија. Во јавноста незабележано мина и давањето зелено светло за изградба на најголемиот подземен патен тунел во Европа. Германскиот суд конечно даде зелено светло за изградбата на најдолгиот подземен патен тунел што треба да ги поврзе Данска и Германија. Со несоодветно мало внимание во јавноста минаа и информациите за масовните немири во Полска во врска со одложувањето на законот за абортус. Нов момент и незабележан во јавноста е испраќањето француски дипломат во муслиманските земји за да се намалат тензиите што избувнаа неодамна со изјавите на Емануел Макрон дадени по терористичките случувања во Франција…

Во сенка на изборите во САД останаа неколку значајни настани во Европа

Додека светското внимание на јавноста беше насочено и фокусирано кон изборот на новиот светски лидер, имено американски претседател, како и кон постизборните случувања во Америка, во Европа се случуваа настани за кои јавноста „подзаспа“, па тие не беа соодветно регистрирани ниту анализирани.
Како еден од поголемите и помалку воочени настани на европско тло за изминатиот период беше и ставањето во функција на новата нуклеарна централа во Белорусија. Со несоодветно мало внимание во јавноста минаа и информациите за одложувањето на законот за абортус во Полска, воведувањето на рестриктивните мерки во Шведска поради пандемијата, но и испраќањето француски дипломат во муслиманските земји за да се намалат тензиите што избувнаа неодамна со изјавите на Емануел Макрон дадени по терористичките случувања во Франција.
Сите овие настани веројатно ќе имаа ударно место во светските медиуми доколку случувањата во САД не ги окупираа насловните страници на новинските агенции низ светот.

Белорусија ќе стане нуклеарна сила

Како што пренесува европската новинска куќа, една од поважните вести во деновиве што изминаа беше кога Александар Лукашенко официјално ја отвори првата и единствена атомска електроцентрала во Белорусија, фалејќи се дека земјата „ќе стане нуклеарна сила“. Белорусија минатиот вторник стави во функција еден од реакторите од нејзината прва нуклеарна централа, изградена и финансирана од страна на Русија, и покрај жестоките противења на соседна Литванија. Изградена од руската нуклеарна агенција „Росатом“, нуклеарната централа „Островец“, која се наоѓа на 40 километри од Вилнус, главниот град на Литванија, има два реактори, секој со моќност од 1.200 мегавати, и треба да обезбедува една третина од енергијата потребна за државата со население од 9,5 милиони жители.
Рускиот генератор од третата генерација е првиот од ваков вид во функција во странство, поради што Литванија постојано изразуваше загриженост за стандардите на нуклеарната централа. Во таа насока државата го возврати ударот со тоа што го прекина увозот на енергија од Белорусија веднаш откако реакторот во „Островец“ беше поврзан со руската државна мрежа.

Белорускиот опозиционер Андреј Саникау, кој беше затворен откако се кандидира против Лукашенко во 2010 година, на Твитер напиша дека нуклеарката е „геополитичко оружје“ на Лукашенко и Кремљ против ЕУ и дека е „радиоактивна опасност за Белорусија и за Европа“. Според она што го пренесоа европските медиуми, централата треба целосно да стане оперативна деновиве, а литванските власти во таа насока веќе им поделиле таблети со јод на жителите што живеат на границата со Белорусија, бидејќи таа супстанција може да го намали таложењето на радијација во тироидната жлезда во случај на истекување радиоактивен материјал од белоруската нуклеарка.

Зелено светло за најдолгиот подземен тунел

Паралелно на ова, подалеку од очите на јавноста мина и давањето зелено светло за изградба на најголемиот подземен патен тунел во Европа. По долгогодишната судска битка, германскиот суд конечно даде зелено светло за изградба на најдолгиот подземен патен тунел што треба да ги поврзе Данска и Германија. Инфраструктурата долга речиси 18 километри треба да биде завршена во 2029 година и ќе ги поврзува данските острови Лоланд и Фалстер, кои се наоѓаат јужно од Копенхаген, со германскиот регион Шлезвиг-Холштајн, под Балтичко Море. Иако Данците треба да почнат со изградбата на 1 јануари 2021 година, Германците ги кочеше правниот систем.

Полска го одложи законот за абортус поради масовните протести

Во меѓувреме, полската десничарска влада ги одложи усвојувањето и спроведувањето на одлуката на Уставниот суд, со која се заострува законот за абортус, што предизвика двонеделни протести низ државата. Владин претставник минатата недела соопшти дека лидерите ќе дебатираат за спорната пресуда за да најдат решение. Двонеделните протести во Полска беа против одлуката за забрана на абортусот освен во случај на силување, инцест и закана по животот на мајката. Уставниот суд донесе одлука на 22 октомври дека абортусот на фетус со вродени маани го крши Уставот, што всушност дополнително го зајакнува и онака еден од најрестриктивните закони за репродукција во Европа.

Макрон испраќа дипломат во муслиманските земји

Во обидот да ги смири континуираните негативни реакции во некои муслимански земји поради коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон за поддршка на слободата на изразување, државата најави дека ќе испрати специјален дипломатски претставник во муслиманскиот свет што ќе ги објасни ставовите на Макрон. Односите со некои муслимански држави се влошија по коментарите на Макрон, откако еден наставник беше обезглавен од исламски екстремист во едно париско предградие поради тоа што покажувал карикатури на часот по слобода на говор. Во тој контекст, Макрон сака да ги намали тензиите со муслиманските лидери, вклучувајќи го турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Францускиот претседател во интервју за Ал џезира порача дека „има разбирање и почит дека некој може да биде шокиран од карикатурите, но никогаш нема да прифати да биде оправдано физичкото насилство за нив и секогаш ќе ја брани слободата на говор, пишување, размислување и изразување во државата.