Францускиот претседател предупредува дека ЕУ како институција мора да се реформира за да спречи приклонување кон национализмот на нејзините земји-членки

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи серија реформи за подобра иднина на Европската Унија. Во авторска статија, која беше објавена во повеќе весници во Европа, Макрон побара формирање агенција за заштита на ЕУ од сајбер-напади. Во пресрет на мајските избори за Европскиот парламент, тој заговара забрана за финансирање од странски сили на европските политички партии. Шефот на француската држава предупредува дека Унијата како институција мора да се реформира за да спречи повлекување кон национализмот на нејзините земји-членки.

– Кој му ја кажа на британскиот народ вистината за неговата иднина по брегзит? Кој му се обрати за губењето на пристапот кон пазарот на ЕУ? Кој ги спомена ризиците по мирот во Ирска што ги носи повторното воспоставување на границата – истакнува Макрон, додавајќи дека ЕУ не е само економски пазар, туку и грандиозен проект.
Веќе неколку месеци, како што оценува Би-би-си, Макрон е принуден да се фокусира на домашните прашања, благодарение на протестите на движењето „Жолти елеци“, но сега кризата стивнува. Па така, како што се наближуваат европските избори, сега е вистински момент да ја почне кампањата и да се врати на неговата голема тема за „европска ренесанса“. Макрон денес повеќе е фокусиран на заштитата, одбраната и на границите, отколку на економското и социјалното приближување, и повеќе на меѓувладината соработка, отколку на федерализмот.

Покрај предлогот за формирање нова европска агенција за заштита на демократиите, чија цел е борба против сајбер-нападите врз изборните процеси, тој исто така бара забрана за финансирање на европските политички партии со фондови од странски сили. Со ова тој се осврнува на тврдењата за наводната поврзаност на Русија со елементи од кампањата за брегзит, како и за контроверзиите околу руското финансирање на екстремно десничарската политичка партија Национален фронт.
– Покрај тоа, ЕУ треба да воведе правила за забрана на поттикнувањето на омразата и насилството на Интернет – истакнува Макрон.

Според него, Унијата треба да постигне нов договор за одбрана и безбедност, како и да основа европски безбедносен совет, кој би ја вклучувал и Британија. Користејќи го брегзит како пример, Макрон исто така предупреди да не се дозволи членките на ЕУ да „потонат во национализмот“.

Францускиот претседател се осврна и на имиграцијата, едно од најгорливите прашања во ЕУ.

– Ќе ни бидат потребни заеднички погранични сили и европска канцеларија за азил, построги обврски за контрола и европска солидарност, за која секоја земја ќе придонесува во согласност со авторитетот на Европскиот совет за внатрешна безбедност – заклучува Макрон во своето писмо, кое беше објавено во весници во 28-те земји-членки на ЕУ.


Кои се предлозите за европската ренесанса?

Во отвореното писмо до Европа, францускиот претседател Емануел Макрон предлага формирање на неколку нови тела, кои ќе бидат задолжени за реформите на ЕУ и за „европската ренесанса“. Во продолжение следуваат предлозите на Макрон:
Европска агенција за заштита на демократиите – главната мисија е заштита од сајбер-напади, ширење лажни вести и забрана на странско финансирање на европските политички партии.
Европски совет за внатрешна безбедност – ќе се состои од паневропска агенција за гранична контрола и канцеларија за азил.
Минимална плата на ниво на ЕУ – треба да биде соодветна за секоја земја и колективно договорена на годишна основа.
Европска климатска банка – главната мисија е финансирање на транзицијата на ЕУ при остварувањето на еколошките цели.
Конференција на Европа – чие формирање треба да помогне во предлагање и одобрување на реформите од страна на претставниците на институциите на ЕУ и на земјите-членки.