Пол Кругман

Големата поделба во Америка има длабоки економски корени, поради што нема набрзо да биде надмината, пишува Кругман во колумна во „Њујорк тајмс“

Пред нешто повеќе од една година, „Амазон“ ги повика градовите и државите да дадат понуда за предвиденото второ седиште на компанијата. Тоа предизвика вистинска бркотница за тоа кој ќе ја добие привилегијата да плаќа големи субвенции во замена за поголем сообраќаен метеж и повисоки цени за домување. Но не можеа сите да се натпреваруваат. Уште од почетокот, „Амазон“ посочи дека новиот објект ќе го изгради само во области под контрола на демократите. Во ред, „Амазон“ буквално не го кажа тоа. Компанијата само ја ограничи конкуренцијата „градски области со повеќе од еден милион жители“ и „урбани и полуурбани локации, со потенцијал да привлечат и да задржат голем технички талент“. Но во наредниот состав на Конгресот, мнозинството локации што ги исполнуваат овие услови всушност ќе бидат претставувани од демократите.

Во текот на минатата генерација, американските региони се соочија со големи економски разлики. Богатите метрополски области станаа уште побогати, привлекувајќи уште повеќе брзорастечки индустрии во земјата. Истовремено, малите градови и руралните области беа изоставени, и економски назаднаа во однос на економијата на знаење. Критериумите за седиштето на „Амазон“ совршено ги илустрираат силите што стојат зад овие разидувања. Бизнисите во новата економијата сакаат пристап до големи концентрации на високообразовани работници, кои можат да се најдат само во големите, богати метрополски области. Изборот на локација на компаниите како „Амазон“ дополнително привлекува висококвалификувани работници во тие области. Со други зборови, постои еден кумулативен, самоодржувачки процес, кој ја дели Америка на две економии. Оваа економска поделба се рефлектира во политичката поделба.

Во 2016 година, деловите од Америка што беа запоставени во најголем дел гласаа за Доналд Трамп. Медиумите одговорија со многу профилирања на руралните симпатизери на Трамп додека тие вечераат. Но, тоа како да беше водење на последната војна. Трампизмот ги претвори запоставените региони во Америка во силни републикански упоришта, додека, пак, отпорот против Трампизмот ги претвори успешните региони во бастиони на демократите. Некои од новинарите што ги интервјуираа овие симпатизери, требаше да разговараат со универзитетски образованите жени во места како што е Оринџ Каунти во Калифорнија, поранешно ултраконзервативно упориште, кое во јануари во Конгресот целосно ќе биде претставувано од демократите.

Зошто заостанатите региони се определија кон десно, додека, пак, успешните региони свртеа кон лево. Изгледа не станува збор за економски самоинтерес. Навистина, Трамп вети дека повторно ќе ги отвори традиционалните работни места во производството и рударството, но тоа ветување никогаш не држеше вода. Ортодоксната републиканска политичка агенда за намалување на даноците и за укинување на социјалните програми, која всушност Трамп ја спроведува во практиката, е штетна за заостанатите региони, кои многу зависат од работи како маркички за храна и инвалидски надоместоци, и тоа многу поштетна отколку за успешните области.
Покрај тоа, нема многу податоци од изборите што ја поддржуваат тезата дека „економската анксиозност“ ги поттикна луѓето да гласаат за Трамп. Како што е документирано во „Криза на идентитетот“, нова важна книга за изборите во 2016 година, за гласачите на Трамп карактеристични беа нивните ставови за расата и идентитетот, а не финансиските тешкотии.

Сепак, ваквите ставови не се одделени од економската промена. Дури и да им оди добро на личен план, многу гласачи во заостанатите региони имаат чувство на огорченост, чувство дека не се почитувани од сјајните елити во ѕвездените градови, а ова чувство на огорченост многу лесно се претвора во расен антагонизам. И обратно, трансформацијата на Републиканската партија во бела националистичка партија ги отуѓува гласачите, дури и белите гласачи, во тие големи успешни метрополски области. Па, така, регионалната економска поделба станува политички амбис.

Дали може да биде надмината оваа политичка бездна? Искрено, се сомневам. Можеме и мораме да направиме многу за да ги подобриме животите на Американците во заостанатите региони. Можеме да гарантираме пристап до здравството и да ги зголемиме нивните примања со субвенции за плати и други политики. Но обновувањето на динамичноста на овие региони е многу потешко, бидејќи значи пливање наспроти моќен економски бран. А чувството дека сте оставен може да ги разгневи луѓето, па дури и ако нивните материјални потреби се задоволени. Тоа, на пример, можеме да го видиме во бившата Источна Германија – и покрај големата финансиска помош од запад и дарежливите социјални програми, Источногерманците се чувствуваат навредено од статусот на граѓани од втор ред, поради што многумина гласаат за екстремните десничарски партии.

Па, така, огорчената поделба што ја гледаме во Америка можеби има длабоки економски корени, поради што нема практичен начин таа да исчезне. Но не мора така да биде. Повеќето бели гласачи и понатаму го поддржуваат трампизмот, но тие не се мнозинство, а на неодамнешните избори за Конгресот значителен број од тие гласачи исто така се дистанцираа од белата националистичка агенда. Америка и понатаму е поделена нација и најверојатно ќе остане така уште некое време. Но подобрите ангели на нашата природа сѐ уште може да победат.

Авторот е добитник на Нобелова награда за економија во 2008 година