Цензурата и силата на Кина не познаваат граници. Најновата „жртва“ на кинеската цензура е торта на натпреварот организиран од „Кејк Интернешнл“, која беше дисквалификувана откако дел од посетителите се заканиле дека ќе ја оштетат. Организаторите, наместо да ја „заштитат“ тортата, решија да потклекнат на заканите и поплаките, по што ја дисквалификуваа тортата. Ни тортите не се безбедни од моќта на кинеската цензура.

Спорната торта стана новиот контроверзен симбол поврзан со петмесечните протести во Хонгконг. Тортата, украсена со маска од движењето „Анонимус“ и со демонстрант кој носи жолт работнички шлем и чадор, два од симболите на протестите во овој кинески град, беше дисквалификувана од натпреварот, пренесува „Гардијан“.

Трикатната торта, направена од „Трд Спејс Кафе“ исто така е украсена со картички испишани со слогани од демонстрациите. Тортата има и мал грамофон кој ја емитува неофицијалната химна на демонстрациите, „Glory to Hong Kong“, а исто така испушта чад со цел да го симулира солзавецот употребуван од полицијата против демонстрантите.

Творците на тортата сметаат дека нивниот десерт е цел на политичка цензура. Тие добиле имејл во кој ги информираат дека содржината и пораката на нивната торта е навредлива и предизвикала поплаки од присутните и од другите учесници. 

Одредени посетители и учесници, главно од Кина, се заканиле  дека ќе ја уништат тортата, па затоа организаторите на натпреварот биле принудени да ја дисквалификуваат поради нејзиниот политички акцент.

– Разочарани сме од организаторите кои потклекнаа на заканите и ја отстранија нашата торта од натпреварот – велат од „Трд Спејс Кафе“.

Натпреварот и дисквалификацијата привлекоа големо внимание на социјалните мрежи, предизвикувајќи поделени мислења. Некои решија да застанат на страната на слободниот говор, додека други во нивните објави тврдат дека не постои апсолутна слобода на говор, туку слободите треба да се градат врз основа на законот и националните интереси.