И покрај интензивните интервенции на руските воздухопловни сили, големите шумски пожари на Сибир не стивнуваат, туку се уште се прошируваат, јавува „Јуроњуз“.

– Пожарите во Сибир не стивнуваат. Според сателитски информации, сега горат повеќе од 4,3 милиони хектари шума во величина на целиот регион на Москва – изјавија од организацијата „Гринпис“.

Експертот за пожари на „Гринпис“, Антон Бенеславски, истакна дека бавната реакција на властите е главна причина за проширување на пожарите.

– Поради големата проширеност, пожарите сега тешко може да се контролираат – посочи Бенеславски.

Тој додаде дека ситуацијата би можела да се влоши и за локалното население, поради фактот што пожарот би можел да се прошири кон населените региони. Дури и голема далечина, изложеноста на чадот е голема закана за здравјето на луѓето, истакна експертот.

Руското Министерство за одбрана вечера објави дека изгаснало 753.000 хектари запалена шума во Сибир за четири дена. Тие додадоа дека во акцијата се вклучени воени транспортери и хеликоптери кои работат на терен и истураат вода врз запалените површини.

Во меѓувреме, корисниците на социјалните мрежи кои живеат во градовите кои се зафатени од чадот од пожарите објавуваат содржини на кои може да се забележи лошата видливост и проблемите со кои се соочуваа поради вонредната состојба.