Шегата на Емануел Макрон во текот на вчерашната посета на папата Франциск во Ватикан, не го насмеа поглаварот на Римокатоличката црква, со што смисолот за хумор на францускиот претседател повторно наиде на тишина, пишува „Ројтерс“.

Францускиот лидер се пошегува кога го претстави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан, кој потекнува од регионот Бретања.

– Тој е бретонец. Бретонците се насекаде. Бретонците се француската мафија – кажал Макрон. 

Познато е оти папата Франциск во повеќе наврати ги осуди постапките на италијанската мафија.

Медиумите од Бретања пишуваа дека Макрон кажал „лоша шега“, особено бидејќи бретонците не важат за луѓе кои имаат поврзаност со организираниот криминал. Тие вообичаено се познати по застапеноста во политиката, во бизнисот и во католичките верски кругови.

Ова не е прв случај во кој Макрон предизвика контроверзи со неговиот смисол за хумор. Тој беше критикуван откако се шегуваше дека претседателот на Буркина Фасо Рок Марк Каборе поправа клима-уреди, во текот на посетата на Африка, минатата година.