Американскиот претседател Џо Бајден веднаш се фати за работа и почна да ги поништува политиките на неговиот претходник Доналд Трамп, уште на првиот ден од неговиот мандат. Тој, по сѐ изгледа, сака да промени сѐ што стори Трамп. Почнувајќи со враќање на членството во Парискиот климатски договор и Светската здравствена организација, Бајден потоа го запре градењето на ѕидот на границата со Мексико, а од промени не беше поштеден и Овалниот кабинет во Белата куќа, пренесува Си-ен-ен. 

За само неколку часа, изгледот на Овалниот кабинет беше променет на неколку очигледни, но и суптилни начини, кои го рефлектираат вкусот на новоизбраниот американски претседател. 

Портретот на Ендру Џексон е заменет со портрет од Бенџамин Франклин од уметникот Џосеф Дуплесис. Портретот, исто како и другите уметнички дела во Белата куќа, е позајмен од американскиот музеј на уметноста „Смитсонијан“. До него се наоѓа камен од Месечината, што би требало да го симболизира интересот на Бајден кон науката. 

Бронзена биста од латиноамериканскиот борец за човекови права, Цезар Чавез, изработена од уметникот Пол Суарез, е поставена на креденецот позади претседателското биро. Џули Чавез Родригез, внуката на Чавез, е директорка во Канцеларијата за меѓувладини работи во Белата куќа во тимот на Бајден.

Бистите на Мартин Лутер Кинг помладиот и Роберт Ф. Кенеди исто така се дел од Овалната канделарија поради нивните напори во движењето за граѓански права.
Во канцеларијата има и слики од Џорџ Вашингтон, Абрахам Линколн, Френклин Рузвелт, Томас Џеферсон и Александар Хамилтон. Бистата на Винстон Черчил е отстранета од канцеларијата.

Покрај уметничките промени, има и интериорни декорации. За време на потпишувањето на извршните уредби по инаугурацијата, Бајден седеше во темно кафеава кожна фотелја, речиси слична на онаа на Трамп, која беше црвена по боја.
Семејството Бајден за Овалната канцеларија избра два декоративни елемента од времето на Клинтон: син килим со цветни украси и потемни, златни завеси.

Знамиња од разни воени редови, кои оригинално беа додадени од Трамп, исто така се отстранети од страна на Бајден. Фотографиите позади бирото на претседателот покажуваат колку е големо семејството на Бајден, а на нив се членовите на семејството кои го придружуваа на денот на инаугурацијата. Џо Бајден, неговиот покоен син, е прикажан на барем една од фотографиите.