Препораките на надлежните лица за жителите на најзагадениот град во светот станаа предмет на шега на Интернет, и покрај алармантната состојба во индиски Њу Делхи, кој се обидува да се справи со проблемот со загадениот воздух.  

Деновиве, Њу Делхи е на врвот на листата најзагадени градови во светот. Aпаратите за мерење не се во можност да го измерат прецизно загадувањето. Голем дел од граѓаните на индискиот град својот револт за загадувањето на воздухот го изразија на социјалната мрежа Твитер, жалејќи се на постојани главоболки, печење на очите и отежнато дишење, по што дел од индиските министри предложија револуционерни решенија во борбата против загадениот воздух, пренесува „Форбс“.

Доктор Харш Вардхан, министер за здравство, семејна благосостојба, наука и технологија, им даде на граѓаните совети за борба против загадувањето.

– Јадењето моркови му помага на телото да се снабди со витамин А, калиум и антиоксиданти кои штитат од ноќното слепило вообичаено за Индија. Морковите помагаат и против други штети кои настануваат од загадувањето на воздухот – напиша д-р Вардхан на Твитер. 

Многумина се пошегуваа со ваквата изјава, илустрирајќи ја со моркови ставени во носот и во ушите, заедно пораката „благодариме д-р Вардхан, нема повеќе загадување!“

– Дури и да јадете повеќе моркови отколку Душко Долгоушко, дури и да станете портокалови, тоа нема да ве заштити од загадениот воздух. Никакво количество на здрава храна или витамини не може да го стори тоа – се шегуваат жителите на Њу Делхи.

Министерот за животна средина, шуми и климатски промени, Пракаш Џавадекар, пак, предложи денот да започнува со слушање на музика, што исто така наиде на потсмев.

– Можете да го започнете денот со вашата омилена песна, па дури и да ја слушате неколкупати едноподруго, тоа исто така нема да ве заштити од загадениот воздух – гласи еден од коментарите на Твитер.

За граѓаните на Њу Делхи, единствено решение претставува да избегнуваат излегување од домовите без потреба и да носат маски кога се надвор. Сепак, одредени лица, на пример, оние кои имаат проблеми со дишењето или анксиозност, не се во можност да ги носат ваквите маски, кои пак, не ги штитат очите и кожата.