Осумгодишната Дала преживеа ракетен напад врз нејзиното училиште

Децата носејќи балони играат на забавна музика. Навидум станува збор за прослава. Ова би можело да се случува во кој било училишен двор ширум светот, но радосните лица на децата се илузија, а гласната музика е „штит“, давајќи им на најмладите барем малку мир наспроти експлозиите во војната во Сирија, пишува Си-ен-ен.

Музиката запира. Повторно се слуша „хорот“ од гранатирањето. И потоа настапува тишина.

– Го гледате стравот во нивните очи, забележувате дека гледаат за да видат дали има авиони – вели Билал ал-Шава од добротворната организација за заштита на деца „Хурас нетворк“. 

Таа ја организирала ваквата активност за децата во градот Марет Мисрин во провинцијата Идлиб, која е последно упориште на бунтовниците во Сирија. 

– Децата треба да размислуваат за игри и за учење. Целото наше внимание сега е насочено кон нивно оттргнување од страшните мисли – објаснува Шава, која се грижи за здравјето на најмладите. 

Неодамнешна анкета дава увид во страдањето на децата. Податоците од испитувањето покажуваат оти 62 отсто од децата плачат без конкретна причина или пак во очекување на конфликтот, кога надлетуваат авионите. А 46 отсто од родителите велат дека нивните деца се тажни, 30 отсто се жалат дека децата станале агресивни, а 20 отсто оти најмладите се излолираат самите себеси.

Осумгодишната Дала и нејзината сестра имаат потешкотии по ракетниот напад врз нејзиното училиште, каде што тие беа привремено сместена со семејството.

– Се разбира дека сакав да избегам што подалеку, но колку подалеку може да се оди? Како можам да ги заштитам. Тоа го може само бог – вели таткото на девојчињата.

Грижата за децата се покажува како клучна во деветгодишната граѓанска војна во Сирија, чиј крај не е на повидок, и покрај склученото руско-турско примирје.