Нигериската војска денеска ослободи 25 деца откако утврди дека немаат врска со исламистичките групи на североистокот од земјата, соопшти УНИЦЕФ.

Ослободените деца, 23 момчиња и две девојчиња, се предадени на властите во Борноу, држава која е најмногу погодена од судирите.

– Овие деца се одземени од нивните семејства и заедница, лишени од детство, образование, здравствена заштита и шанса да пораснат во безбедно опкружување – рече претставничката на УНИЦЕФ, Пернил Ајронсајд.

На децата ќе им се овозможи пристап до медицинска нега и образование, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Во судирите на владините сили со исламистичката група Боко Харам во Нигерија во изминатите 10 години загинаа повеќе од 30.000 луѓе.

Не е познато колку точно деца се регрутирани во ваквите вооружени групи, ниту начинот на кој тие се принудени да војуваат.