Нови судири избија доцна синоќа во неколку холандски градови во знак на протест против построгите владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Петмина полицајци се повредени, а седум лица се уапсени. Судири меѓу интервентната полиција и демонстрантите избија во Хаг, каде полицијата употреби водени топови за да ја растера толпата.

Помали судири имаше во градот Урку и во градовите во провинцијата Лимбург, каде гневните навивачи прекинаа два фудбалски натпревари кои се одиграа без публика поради правилата за ковид-19.

Насилството, сепак, беше во значително помали размери од претходната вечер, кога три лица беа ранети од огнено оружје, а 51 лице беа уапсени.

Холандија минатата недела стана првата западноевропска земја што воведе делумно заклучување оваа есен поради зголемување на заразените со коронавирус.

Мерките ќе важат најмалку три недели, а се планираат и нови, како ограничување на влезот на невакцинирани лица на некои локации.