Припадници на Јазидите бегаат од насилството на ИД во Ирак

Професорката по хемија на шведскиот Универзитет Лунд, Шарлота Тарнер, испратила тим платеници во воена зона контролирана од Исламската држава (ИД), за да спаси еден од нејзините студенти и неговото семејство во 2014 година, пренесува шведскиот интернет-портал „Локал“.

Професорката, во 2014 година добила смс-порака од Фирас Јума, во која нејзиниот студент ја известил оти нема да го заврши неговиот докторат, ако не се врати за една недела. Тој додал дека се крие заедно со семејството во напуштена фабрика околу која се слушаат истрели на куршуми. Јума потекнува од Ирак, од малцинството Јазиди, кое е омразено од ИД. 

– Немав никаква надеж, бев очаен. Само сакав да и кажам на својата професорка што се случува. Не можев ниту да претпоставам дека една професорка ќе успее да стори нешто за нас – кажал Јума во изјава за универзитетскиот магазин.

Фирас Јума и Шарлота Тарнер

Јума своеволно влегол во воената зона, откако неговата сопруга му јавила оти ИД преземала контрола над соседното село, убивајќи ги мажите и земајќи ги жените во ропство. Но Тарнер не сакала да го остави нејзиниот студент во ситуацијата опасна по живот, без да се обиде да му помогне.

– Тоа што се случуваше беше неприфатливо. Толку се налутив што ИД влегува во нашиот свет, изложувајќи го мојот студент и неговото семејство на мака и прекинувајќи го неговото истражување – објаснува Тарнер.

Таа го контактирала тогашниот шеф на факултетското обезбедување Пер Густафсон, кој потоа ангажирал безбедносна компанија која подготвила спасувачка мисија.

Неколку дена подоцна, два џипа кои превезувале четворица тешко вооружени платеници влегле во областа каде што Јума се криел. Спасувачкиот тим успеал да ги пронајде Јума, неговата сопруга и двете деца, и бргу да ги одведе до аеродромот „Ербил“. Ирачанецот се спасил, но ги оставил зад себе својата мајка и сестри.

– Никогаш не сум се чувствувал толку привилегиран, но истовремено и како страшливец, бидејќи ги оставив мојата мајка и сестрите – кажа Јума.

За среќа, неговите најблиски ја преживеале окупацијата на ИД, а Јума се вратил во Шведска каде што го завршил неговиот докторат и сега работи за фармацевтска компанија во Малме. Неговото семејство моментно е при крај со враќањето на парите кои универзитетот ги платил за спасувачката мисија.

Тарнер е професорка по хемија на Универзитетот Лунд