Информациите за формирање т.н. азиско НАТО носат сигнал дека нешто навистина се случува во Азија под покровителство на САД. Но иако првичните и штури информации за преземени чекори за формирање „азиско НАТО“ многу личат на чекори за создавање нов воен сојуз под плаштот на САД, уште веднаш се препознава дека „сојузништвото“ воопшто нема да личи на класичен мултилатерален воен сојуз во Азија. Имено, се работи за нови форми и интензитет на соработка на државите што се обидуваат да му се спротивстават на официјален Пекинг. Таквите држави гледаат шанса за плетење погуста мрежа на мултилатерална и поблиска соработка со САД

По лиферуваните информации во светската јавност за чекорите за формирање азиско НАТО

На состанокот на Форумот за американско-индиско стратегиско партнерство, одржан кон крајот на август, заменик-државниот секретар Стив Биган изјави дека „Четиристраниот безбедносен дијалог“ (КУАД), релативно неформално стратегиско здружение во кое членуваат САД, Јапонија, Австралија и Индија, би требало да се формализира и прошири со влез на други земји. Иако државниот секретар Биган не беше дециден и неговите зборови звучеа двосмислено, изјавата соодветствува на периодичните предлози за смена на постојниот американски модел на билатерални сојузи во Азија, со една повеќе мултилатерална институционализирана мрежа, каква што постои во Европа. Претходниот модел беше еден вид одговор на двата јасни и специфични предизвици со кои САД се соочија во изградбата на безбедносната структура на Азија по Втората светска војна.

Зголемена доверба на САД кон партнерите од Азија

Првиот предизвик се состоеше во фактот дека САД првично немаа некоја голема доверба во повеќето свои азиски партнери од Студената војна. По завршувањето на Корејската војна во 1953 г., американските власти беа многу загрижени дека Сингман Ри, диктаторот на Јужна Кореја, би можел одново да го иницира конфликтот, марширајќи со своите сили кон север, во надеж дека ќе го обедини полуостровот. Исто така, Американците стравуваа дека Чанг Кај-Шек, авторитарниот тајвански владетел, би можел да изврши инвазија на копното, вовлекувајќи ги САД во овој донкихотски потфат. Згора на сѐ, беа поминати само неколку години од крвавото дивеење на Јапонија низ азискиот континент и Пацификот. Како што напиша Виктор Ча, поранешниот директор за азиски работи при Советот за национална безбедност, САД спроведоа „игра на моќ“. Тие креираа билатерални сојузи што ги заштитуваа засегнатите земји од комунистичка агресија, дозволувајќи му притоа на Вашингтон да преговара за специјални надлежности, како на пример американска оперативна контрола врз јужнокорејските сили, и на тој начин да ги „скротува“ сопствените сојузници. Втора причина за американската комбинација од сојузништва беше фактот дека географијата на Азија ја редуцира мултилатералната солидарност што ја поттикнуваше географијата на Европа. Релативно компактниот формат на Западна Европа значеше дека сите сојузници на САД се ставени „во ист кош“ – евентуален советски напад врз Западна Германија истовремено би претставувал егзистенцијална закана за Франција и за Велика Британија. Во Азија, американските сојузници во некои случаи беа разделени илјадници морски километри, но и загрижени поради големата бројка разни непријатели. Додека во Европа, поранешни непријатели, како Франција и Германија, немаа пред себе никаков избор освен да го пребродат и закопаат минатото, историските антагонизми во Азија се продлабочија, а во некои случаи,како што е напнатоста во односите меѓу Јапонија и Јужна Кореја, траат дури и денес.

Наместо билатерални договори, тесна мултилатерална поврзаност

Состојбите што доведоа до раѓање на билатералниот безбедносен модел (формиран во 1945 година во Сан Франциско) се сменија со текот на времето. Иако загриженоста заради веројатност од „верижен ефект“, кога агресивна држава го вовлекува во сопствениот конфликт и својот сојузник, е нераскинлив дел од политиката на сојузништво, најблиските американски сојузници од регионот сега се повеќе стабилни демократии отколку непредвидливи автократии. Оттука, сѐ поактивното однесување на Кина создаде генерална претстава дека земјите од регионот се соочуваат со пословичен избор – да висат заедно или секоја одделно. Но, според САД, активноста или „агресивноста на Кина во последниве неколку месеци креира страв од доминација на Кина, конкретно кај земјите од Индопацификот и пошироко“. Тука официјален Вашингтон сега ја гледа својата шанса. Со години, САД инсистираа на посилни врски меѓу своите сојузници и партнери во регионот на Индопацификот. За време на администрацијата на Барак Обама, Пентагон спроведуваше еден вид „мрежна безбедност“. Најголемо достигнување на администрацијата на Трамп е оживувањето на КУАД, кое се појави во раните 2000-ти, но потоа мируваше речиси една деценија.
– Ѕвездите се постројуваат, дојдено е времето за потврда политика кон Кина – напиша Дерек Гросман од американската невладина истражувачка организација РАНД, бидејќи членките на КУАД конечно сфаќаат колку станаа испреплетени нивните геополитички судбини.

Сепак, ова засега нема брзо да доведе до некаква азиска верзија на организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО). Ниту подемот на Кина, ниту пак заканата од Северна Кореја не ги натераа на здружување Токио и Сеул, а нивната и онака кревка врска минатата година беше на раб на колапс поради територијални и економски спорови.

Обид за „враќање на рамнотежата“ во Азија по теркот на САД

Разликите помеѓу американското сојузништво со Австралија, земја со либерална демократија што се бореше во секоја важна американска војна од 20 век, и американското партнерството со Индија, загрижувачки нелиберална демократија со долга традиција на неучество во сојузи, засега остануваат длабоки. Освен тоа, создавањето мултилатерален сојуз, освен ако е експлицитно и директно насочено против Пекинг, потенцијално би ги вмешало сите негови земји-членки во сите спорови на нивните сојузници. Под претпоставка Индија да биде поттикната да се придружи на една ваква организација, би можела – ова е само шпекулација – да влезе во искушение да го искористи членството за надмоќност над Пакистан, но и над Кина.

Комбинацијата помеѓу мултилатерален сојуз и постојниот американски сет од односи изгледа како многу поприфатлива и поодржлива опција. Како што наведува Гросман, постојат сериозни тврдења дека КУАД би можел да ѝ помогне на Индија во една копнена војна со Кина, или, пак, на Јапонија во евентуален поморски или воздушен судир во Источно Кинеско Море – ова би го принудило Пекинг да има предвид дека дури и ограничена агресија ќе се претвори во многу поголема криза, констатира Дерек Гросман во весникот „Блумберг опинион“. Во таа смисла, според тврдењето на неколку аналитичари, имањето поголема мултилатерална координација во борбата против кинеското политичко војување – употреба на валкани пари, информативни операции и други алатки за ширење „зла крв“ во политичките системи на ривалите – би можело да им помогне на пацифичките демократии да успеат во испраќањето поефикасен одговор.
– Засилените колективни напори за ограничување на зависноста од кинеските пари и пазари и насочувањето на странските инвестиции кон пријателски земји може да резултираат со значителни стратегиски придобивки. Постојат силни докази дека проширувањето на КУАД, било формално или имплицитно, со земји како што е на пример Виетнам, би го соочило Пекинг со сериозна ривалска коалиција, која би станувала сѐ посилна со растот на кинеската воинственост, се констатира во анализата.

Амбицијата на Кина за доминација во својот регион и нејзините напори да натрупа што повеќе моќ на глобално ниво, најверојатно ќе ѝ донесат резултат само доколку Пекинг успее да ги елиминира една по една земјите што му се спротивставуваат. Во секој случај, иако последниве неколку години беа доста сложени за американските сојузници, претераната политичка активност на Пекинг уште повеќе ги сплоти во заедништво неговите ривали. Иако се појавија информации за динамичен развој на идејата за азиско НАТО под покровителство на Америка, САД засега сметаат дека заедно со своите индопацифички сојузници нема да има потреба од воено азиско НАТО за да направат „враќање на рамнотежата“ во Азија, каде што Кина презеде низа иницијативи.