Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека пожарите во Амазонија се „меѓународна криза“ и повика тие да бидат највисок приоритет на агендата на самитот на Г7, предизвикувајќи бесна реакција од претседателот на Бразил, пренесува „Гардијан“.

– Нашата куќа е во пламен. Буквално. Дождовната шума на Амазонија, белите дробови на светот, кои произведуваат 20 отсто од кислородот на планетава, се во пламен – напиша Макрон на својот профил на Твитер.

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, десничарски националист кој се противи на странското мешање во бразилскиот Амазон, не го поддржа предлогот на неговиот француски колега.

– Жалам што претседателот Макрон се труди да го искористи домашниот бразилски проблем и проблемот на другите држави во регионот Амазонија за да стекне лична политичка корист – објави Болсонаро на Твитер, насочувајќи се кон „сензационалистичкиот тон“ на Макрон.

Подоцна, и министерот за надворешни работи на Бразил, Ернесто Араџо, се огласи на Твитер осудувајќи ја „дивјачката и неправедна“ меѓународна кампања против неговата нација.

Тој тврди дека кампањата се водела „затоа што владата на претседателот Болсонаро го обновува Бразил“.

– Се чини дека „кризата на животната средина“ е последното оружје што остана во арсеналот на левичарските лаги за да го прикријат овој факт – додаде Араџо.

Познати личности, како што се пејачката Мадона и фудбалерот Кристијано Роналдо, вчера се огласија на Твитер за важноста да се помогне со цел да се изгаснат пожарите.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, синоќа изјави дека разговарал со Болсонаро и ќе испрати три бригади на специјалисти за шумски пожари и истражувања на животната средина, кои ќе помогнат во ублажување на трагедијата во дождовните шуми на Амазон.