Премиерот на Словенија Јанез Јанша преку Твитер го прогласи Доналд Трамп за победник на американските претседателски избори на 4 ноември, пишувајќи „јасно е дека американскиот народ ги избра Доналд Трамп и Мајк Пенс за уште четири години“. Ова тврдење се испостави, како што би рекол херојот на Јанша, за лажна вест, иако словенечкиот премиер потоа остана тивок. Но ваквиот твит не е ништо ново за Јанша, пишува „Форин полиси“.

Тој премина од левицата кон екстремната десница во текот на годините. Јанша некогаш беше еден од основачите на независна Словенија, каде што ја стекна репутацијата како новинар во 80-те години. Во 1988 година, пак, беше уапсен од југословенските власти за објавување на информации кои протекле од војската. По протестите за негово ослободување, тој се придружи на политичкото движење кое ги доби првите повеќепартиски избори во Словенија во 1990 година. Словенечкиот премиер по изгласаната недоверба во 2013 година, беше осуден на две години во затвор поради обвиненија за корупција. Но казната беше поништена од Уставниот суд на Словенија во 2015 година.

Јанша кој е пасиониран корисник на Твитер, ги користи социјалните мрежи за да се „пресмета“ со новинарите, политичките противници и со секого кој не се согласува со него. Дезинформациите на неговиот твитер-профил се вообичаени. Во јули тој реобјави видео од серијал на „КуАнон“ (теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп – н.з.). Според податоците на „СпаркТоро“ речиси 75 отсто од обожавателите на словенечкиот премиер на Твитер се лажни, но неговите објави редовно се пренесувани од медиумите во Словенија.

 – Не сум изненадена што премиерот води влада на лажни вести која јавно ја поддржува лажната вест за изборната победа на Доналд Трамп, вели Анушка Делиќ, уредничка во центарот за истражувачко новинарство „Остро“, кој тврди дека медиумите контролирани од партијата на Јанша, СДС, и од сопственици блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан се главни извори за лажни вести и дезинформации во Словенија.

Анализите на словенечка невладина организација, пак, сугерираат дека Јанша поминува три часа дневно на Твитер.

– Преку анализирање на неговата твитер-активност можеме да забележиме дека премиерот поминува се повеќе време на Твитер. За време на американските претседателски избори можеме да пресметаме дека тој поминувал барем три часа дневно на Твитер, со твитови објавени уште од 4.30 наутро – вели Маја Цимерман од словенечката невладина организација „Денес е нов ден“.

„Форин полиси“ посочува дека политичката иднина на Јанша засега е светла, откако негоата партија го има главниот збор во парламентарното мнозинство, наспроти неговата твитер-активност и промоцијата на поддржувачи на екстремната десница.