Мнозинството гласачи на Нова Каледонија го одбија предлогот за независност на островскиот архипелаг од Франција. Резултатите од долгоочекуваниот референдум покажуваат дека 57 отсто од гласачите се изјасниле против независност на Нова Каледонија. Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави исходот од референдумот, оценувајќи дека тој покажува поддршка за француските вредности.

– Новокаледонците избраа да останат Французи. Тоа е глас за поддршка на француската република, нејзината иднина и на нејзините вредности – порача Макрон во обраќањето на француската телевизија.

Референдумот беше прво гласање за самоопределување на француска територија по 1977 година, кога Џибути изгласа независност од Франција. Макрон додаде дека го разбира разочарувањето на оние што бараа независност, истакнувајќи дека француската држава ќе обезбеди слобода, еднаквост и братство за сите.

Економијата на Нова Каледонија е поддржана со годишни француски субвенции од околу 1,3 милијарда евра, туризмот, и големите наоѓалишта на никел, кои сочинуваат околу 25 отсто од светските резерви на никел. Островската земја ужива висок степен на автономија, но многу зависи од Франција за прашања како што се одбраната и образованието.