Ким Хиок Чол на самитот во Ханој

Северна Кореја во март го егзекутираше поранешниот пратеник задолжен за нуклеарни прашања со САД, Ким Хиок Чол, и други четири официјални претставници во Министерството за надворешни работи, поради неуспешниот самит меѓу лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, и американскиот претседател Доналд Трамп во февруари, објави јужнокорејскиот весник „Чосун Илбо“.

Сите биле обвинети за шпионажа во корист на САД и биле егзекутирани на аеродромот „Мирим“ во Пјонгјанг.

Анонимен извор за весникот рекол дека Чол бил обвинет за шпионирање во корист на САД и за слабо известување за преговорите.

На самитот што се одржа во февруари во Ханој, Виетнам, Трамп и Ким не успеаја да постигнат договор за целосна денуклеаризација на Северна Кореја, како и за барањето на Пјонгјанг за ублажување на санкциите.

Светските медиуми и агенции ја пренесоа веста за егзекуцијата, но немаат потврда за овие наводи.

За судбината на Чол веќе неколку месеци има шпекулации со оглед на тоа што тој одамна не е споменат во државните медиуми.

Претходни извештаи на јужнокорејски медиуми за наводни егзекуции на функционери од Северна Кореја се покажаа како лажни, наведува „Блумберг“.

Претседателската Сина куќа во Јужна Кореја не го потврди извештајот на весникот и упати апел до медиумите да не брзаат со заклучоци.

– Сметаме дека избрзаното расудување или коментирање на оваа ситуација не е соодветно – се вели во соопштението на Сината куќа.