Американските медиуми ја поврзуваат Единицата 29155 со наводните награди понудени на авганистанските милитанти за убивање на американските трупи

Единицата „29155“ стои зад повеќе руски акции во странство, а сега, наводно, е поврзана со понудените награди на авганистанските милитанти за убивање на американските трупи

„Њујорк тајмс“ објави напис дека единица на руското воено разузнавање – единицата 29155, наводно, нудела парични награди на милитантите во Авганистан за убивање на американските трупи. Руската воена разузнавачка агенција (ГРУ), се појави како клучен играч во акциите на Москва низ светот, вклучувајќи ја и операцијата за хакирање и објава на мејловите на Хилари Клинтон во текот на кампањата за претседателските избори во 2016 година, пишува „Форин полиси“.

– Единицата 29155 обвинета за нудење на парични награди на милитанти поврзани со талибанците, предводела повеќе руски акции во странство во изминатите неколку години, или барем оние за кои е познато, од обидот за пуч во Црна Гора во 2016 година до неуспешниот обид за атентат на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Англија – се тврди во анализата на американскиот магазин.

Не е јасно како американската разузнавачка заедница успеа да ја поврзе акцијата со единицата 29155. Информациите за заговорот за нудење пари на милитантите, кои беа вклучени и во дневниот разузнавачки брифинг на американскиот претседател, претходно годинава, сега постепено излегуваат во медиумите. Во вторникот „Њујорк тајмс“ извести дека извештајот била поддржан од доказите за банкарски трансфери помеѓу сметки поврзани со ГРУ и талибанците.

Додека единицата 29155 е опишана како тајновита, нејзиниот начин на оперирање на моменти е невнимателен, вклучувајќи неверојатни обиди за заташкување и повторна употреба на исти лажни имиња. Преку информациите од пасошите и од авионските летови, базите на податоци на граничните премини, новинарите успеаја да ги следат трагите и да создадат детална слика за единицата и за нејзините членови.

Се верува дека Единицата 29155 функционира барем една деценија, но разузнавачките агенции и новинарите ги разоткрија нејзините членови и вклученоста во руските акции во Европа дури по обидот за атентат на Скрипал во 2018 година. Во октомври минатата година, пак, „Њујорк тајмс“ пишуваше дека специјализирана група на руски разузнавачки оперативци позната како Единица 29155, со години била испраќана да извршува убиства и кампањи за политичко дестабилизирање на Европа. Бугарското обвинителство годинава поднесе обвиненија против тројца руски шпиони за кои се тврди дека биле дел од тајната Единица 29155 осомничена за неуспешниот атентат врз истакнат бугарски дилер на оружје во 2015 година, како што извести американскиот весник.

– Знаеме само за неуспесите, бидејќи ги има многу. Тие можеби прават многу други нешта за кои не знаеме – вели Арик Толер, кој ги предводи истрагите на групата „Белингкет“ чија цел е единицата 29155.

Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира дека приказната за понудените награди за талибанците е измислица, потенцирајќи дека станува збор за „лажни вести“, наспроти повеќе независни потврди за написот на „Њујорк тајмс“.

Останува нејасно зошто талибанците би требале финансиско поттикнување од руските разузнавачки служби за напади на американските трупи против кои се борат со децении.

Димитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, во минатото ги отфрли пишувањата за Единицата 29155, велејќи дека се работи за фикција.